„Претседател на народот, заштитник на сувереноста, Уставот и законите“ е насловена една од двете панел-дискусии што ги одржува ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на конвенцијата за избор на кандидат за претседател на државата, од 13 часот, на која ќе биде промовирана кандидатурата за претседател на државата на Гордана Силјановска-Давкова. Професорката на Правниот факултет на УКИМ и член на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е единствена која се пријавила на повикот на партијата за оваа функција.
Потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски на панел-дискусијата рече дека на денешната конвенција „ќе се понуди надеж и претседател кој ќе биде лидер на нацијата“.
Според него, треба да се избере активен претседател на државата кој ќе се грижи за македонските национални малцинства кои живеат надвор од државата, односно, како што рече, „не само претседател кој зборува за проблемите, туку претседател којшто помага и нуди решенија“.