Утрински Весник
Скопје

Две училишта и детска градинка од Карпош користат енергија од фотоволтаици

Thumbnail Pic 3796.jpg

Денеска беше пуштен во употреба првиот фотоволтаичен систем за добивање на електрична енергија, кој е поставен во основното училиште „Јан Амос Коменски“, во населбата Тафталиџе 1. На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода даде изјава за медиумите.

– Локалната самоуправа продолжува да работи на подобрување на енергетската ефикасност и независност, поставувајќи две фотоволтаични системи со моќност од 25 Kw, поточно во училиштата „Јан Амос Коменски“ и „Лазо Трповски“. Значи, вкупната инсталирана сила во двата објекта ќе биде 50 Kw – прецизираше Јакимовски.

Општината има направено мерење на потрошувачката на електрична енергија во училиштата, особено наутро кога најмногу се користат смарт-таблите, каде што се бележи потрошувачка од околу 20 Kw. Тоа значи дека со намалување на потрошувачката се создаваат услови, остатокот на произведена енергија да се продава и да се вклучи во системот на ЕВН.

– Во овој случај училиштата ќе можат да приходуваат, односно во вечерните часови кога не работат фотоволтаичните системи, ќе може таа електрична енергија да се компензира. Во исто време, со средства на Општината во висина од 2 милиони денари ќе поставиме фотоволтаици во училиштата „Димо Хаџи Димов“ и „Петар Поп Арсов“. Од друга страна пак, Општина Карпош како учесник во проектот на Бирото за регионален развој и Скопскиот плански регион, ќе го искористи грантот во висина од 2,5 милиони денари, за поставување на фотоволтаични системи во училиштата „Владо Тасевски“ и „Војдан Чернодрински“. Водејќи се според планот, првенствено ги опфаќаме најголемите училишта во локалната самоуправа, така што за наредната година ни остануваат другите четири училишта на наша територија – истакна првиот човек на Општината.

Градоначалникот објасни дека на овој начин се заокружува процесот на осамостојување од напојувањето на електрична енергија од системот на ЕВН.

– Засега имаме поставено фотоволтаици само во една детска градинка од вкупно 13, поточно во градинка „Мајски Цвет“ во населбата Тафталиџе 2, каде што со овој систем се добива и топла вода и електрична енергија. Потоа, секако дека ќе продолжиме со оваа иницијатива и со останатите предучилишни објекти на територија на Карпош. Оттука сакаме да ја намалиме потрошувачката на електрична енергија, со што ќе останат повеќе средства за училиштата и градинките за останатите потреби кои ги имаат тие. Сметаме дека сето ова ќе влијае врз подобрување на условите за работа на основците и децата од предучилишна возраст – додаде Јакимовски.

Можете да прочитате

Без струја утре делови од Аеродром и Гази Баба

До следната летна или есенска сезона нови 100 до 120 електрични автобуси за јавен градски превоз, очекува Мицкоски

Приватните превозници од понеделник се враќаат во сообраќај, но не во целост