Интегрален текст од прес-конференција на Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ:
Почитувани граѓани, почитувани медиуми,
Владата не сакаше да го продолжи рокот за гарантирани цени за храната и некој безалкохолни пијалоци, и од денеска цените во маркетите повторно ќе бидат повисоки и ќе удрат по џебот на граѓаните кои едвај врзуваат крај со крај и го преживуваат месецот.
Во услови кога потрошувачката кошница за едно четиричлено семејство достигна скоро 60.000 денари, пари кои ретко кој ги заработува, власта свесно ќе стимулира нов раст на цените за да го земе и последниот денар од граѓаните.
И додека цените растат и народот не знае како да го помине месецот Ковачевски се фали дека ги зголемил платите, што е врв на глупоста, која е демантирана лично од неговиот министер Бујар Османи. Османи јавно се жали дека платата му е мала и доколку еден месец не земе плата, веќе следниот ќе мора да се задолжи. Ве молам да ја погледнеме изјавата на Османи.
Почитувани,
Важно е да се напомене дека платата на Бујар Османи е над 125.000 денари, што е двапати повеќе од една потрошувачка кошница за четиричлено семејство.
Оттука се поставува прашањето, доколку Бујар Османи не може да преживее со плата од 125.000 денари, како тогаш Ковачевски очекува граѓаните кои земаат помала плата од Османи, а тоа се 99% од луѓето во државата да го поминат месецот?
Што треба да кажат граѓаните кои земаат 25.000 денари плата? Каде само еден член од семејството работи или и тие со две плати од по 25.000 денари, кога нивните примања се под потрошувачката кошница?
Доколку платата на Османи е мала, тогаш каква е платата на граѓаните и како тој се чувства како одговорен за состојбите во државата, кога и по 7 години власт тој и владата од која е дел не успеале да направат подобри услови за живот, напротив ги влошиле и го зголемиле бројот на граѓани кои живеат во сиромаштија со по 150 денари на ден.
Изјавата на Бујар Османи е доказ дека во Македонија со СДС и ДУИ тешко се живее, и дека власта не создала услови за живот на граѓаните. Изјавата на Османи е доказ зошто се повеќе наши сограѓани се иселуваат. Изјавата на Османи е доказ зошто СДС и ДУИ не смеат да бидат ниту еден ден повеќе власт.
Со право народот вели дека немаме држава, време е да ја вратиме.