Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска ја обжали одлуката на судијата во Илиноис кој му забрани да се кандидира на републиканските прелиминарни избори во таа сојузна држава поради неговата улога во наводното поттикнување немири во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.
Во својата одлука во средата, судијката на округот Кук, Трејси Портер, застана на страната на оние гласачи во Илиноис кои веруваат дека Трамп треба да биде дисквалификуван од прелиминарните избори во државата на 19 март и претседателските избори на 5 ноември. Трамп денеска ја обжали одлуката, еден ден откако неговиот персонал ја прогласи одлуката за неуставна.
И Колорадо и Мејн сакаат да ја спречат кандидатурата на Трамп
Портер тврди дека Трамп ја прекршил клаузулата од 14-тиот амандман од Уставот на САД, која забранува да извршува јавна функција секој што „се вклучил во немири или бунт“ против Соединетите држави или помагал или засолнувал непријатели на земјата.
За исходот од тој случај во Илиноис најверојатно ќе одлучува Врховниот суд, како и со слични правни процеси. И Колорадо и Мејн сакаат да ја спречат кандидатурата на Трамп. Врховниот суд во кој доминираа конзервативците претходно овој месец изрази скептицизам за аргументите на Колорадо.
Напад на Капитол
На 6 јануари 2021 година, поддржувачите на Трамп ја нападнаа полицијата и упаднаа во американскиот Капитол во обид да го спречат прогласувањето на изборната победа на демократскиот претседател Џо Бајден. Пред тие настани, Трамп одржа запалив говор, велејќи им на своите поддржувачи да се упатат кон Капитол.
Се очекува конечната одлука на највисокиот американски суд да биде донесена пред 5 март, таканаречениот „супер вторник“ кога Колорадо, Мејн и уште 13 сојузни држави одат на прелиминарните избори.