Утрински Весник
Македонија

Петровска на дебатата „Иднината на НАТО и Балканот: Искуства од Естонија”: Само заедно и здружени можеме да се избориме со хибридните закани

Slika 11 1.jpeg

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска учествуваше на дебата насловена „Иднината на НАТО и Балканот: Искуства од Естонија” на која стана збор за пренесените естонски искуства во време на руската инвазија на Украина, потребата од заедништво во справувањето со хибридните закани и зацврстувањето на колективната безбедност на НАТО како Алијанса базирана на вредности и принципи.

Петровска во своето излагање се осврна на хибридните закани со кои се соочуваат сите земји од регионот и Алијансата, при што порача дека само ако сме координирани и заеднички изградиме општества отпорни на дезинформации, можеме да се справиме со оваа хибридна закана.

„Свесни сме за хибридните активности на Русија во нашата земја. Нивната цел е да ги прикажат институциите како ранливи и нефункционални, на тој начин намалувајќи ја довербата на граѓаните во нив. Најдобриот одговор на оваа закана, која ги вклучува и дезинформациските кампањи е нашите општества да изградат силна колективна отпорност”, рече министерката. Додаде дека институционалната отвореност и транспарентност е исто така значаен инструмент во борбата со дезинформациите, посочувајќи го Министерството за одбрана како добар пример имајќи предвид дека е институција со највисока активна транспарентност и отвореност.

Во однос на членството во НАТО, Петровска посочи на храбрата одлука во 2018 година која овозможи државата да стане полноправна членка на НАТО за која рече дека е најдобрата инвестиција во безбедноста на земјата и на граѓаните.

Петровска се осврна и на дискусиите на последниот министерски состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО, при што укажа на единството во Алијансата, целосната посветеност кон јакнењето на колективната безбедност и на јасната поддршка на земјите-членки за Украина, земјата која има полно право да ја одбрани својата сувереност и својот територијален интегритет.

На прашање поврзано со регионалната соработка, министерката Петровска рече дека таа е клучна во процесот на интеграција на регионот и додаде дека Северна Македонија ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО. Го повтори ставот дека евроинтеграциските процеси се и безбедносно прашање, укажувајќи на тоа дека интеграцијата на земјите од регионот во Европската Унија е процес кон кој сите целиме и прашање кое нè зближува.

„Повеќе од потребно е политичките структури во земјите од регионот да носат тешки, но правилни одлуки за забрзување на интегративните процеси. Сите ние имаме слично минато, а иднината ни е заедничка”, заклучи Петровска.

На дебатата се обратија и ко-директорите на проектот, Сашо Орданоски и Едвард Џозеф, како и Томас Јермалавичиус од Меѓународниот центар за одбрана и безбедност од Естонија, како и неколку реномирани новинари кои како дел од проектот во Естонија беа запознаени со искуствата на оваа земја во справувањето со руските дезинформациски кампањи и влијанијата од руската агресија врз Украина.

Дебатата е организирана во рамки на проектот за градење на јавната свест за НАТО и отпорноста на Балканот, предводен од Центарот за стратегиски истражувања и документација од Скопје и вашингтонската Школа за напредни меѓународни студии при Универзитетот „Џон Хопкинс”.

Можете да прочитате

Каранфилова – Пановска: Се надевам дека мојот ангажман ќе биде од голема помош

СДСМ: Мицкоски повторно демонстрира лицемерие и паника по нашата консолидација

Директорот на затворот Шуто Оризари вели нема шанси Кешишев и Палчо да размениле писмо