Утрински Весник
Македонија

Дваесет години од смртта на претседателот Борис Трајковски

20240225174825 Big 730x400 48.webp.webp

Со државнички активности, Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одбележи 20-годишнината од авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател, Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот.

Како што соопштија од владината прес-служба, на овогодинешното одбележување на Градските гробишта во Бутел, со почеток во 12:00 часот, на гробот на поранешниот претседател Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе неговата сопруга Вилма Трајковска со членови од семејството, претседателот на државата Стево Пендаровски, делегација на Собранието предводена од спикерот Јован Митрески, делегација на Владата составена од Славица Грковска, вицепремиерка задолжена за политики на добро владеење и Ристо Пенов, министер за локална самоуправа. Цвеќе ќе положат и делегација на Армијата на Република Северна Македонија, како и делегација на Сојуз на борци од НОАВМ предводена од Наум Бурески, потпретседател на Главен одбор на СБМ.

Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина на спомен обележјето каде што се случи несреќата, во 10:00 часот ќе положат цвеќе претставници од Владината делегација составена од министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање како и претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, полковник Билјана Блажеска, аѓутант на Претседателот на Република Северна Македонија.

Во Ротимље ќе присуствуваат и високи претставници од Босна и Херцеговина.

Во Струмица, со почеток во 10:00 часот на споменикот на поранешниот претседател Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе делегацијата од Владата предводена од Јованка Тренчевска, дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика, заедно со Кирил Парталов, државен секретар во Министерството за локална самоуправа.

Под покровителство на Владата на Република Северна Македонија, вечер во Националната опера и балет ќе се одржи Комеморативен концерт по повод 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и неговите соработници. 

Диригент на концертот е Иван Еминовиќ, режисер на настанот е Љупка Јакимовска, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ.

Ќе настапат солистите од Националната опера и балет: Сандра Митровска, сопран, Марика Поповиќ, мецосопран, Јаворка Витанова, солист од хорот во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет. На програмата ќе се изведат дела од В. А. Моцарт, Р. Леонкавало, Џ. Верди и Р. Аврамовски.

Настанот ќе биде збогатен со видео и аудио содржина за која се употребени материјали од архивската документација на МРТВ – документарецот „Верувам во Македонија“, како и фото и видео материјали обезбедени од Фондацијата „Борис Трајковски“.

Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер