Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во вечерашното гостување во дневникот на телевизија Сител, се осврна на улогата на кабинетот со кој раководи и активностите кои беа преземени во изминатиот период.
„Имајќи предвид дека овој кабинет постои само две години, сметам дека во еден значаен дел имаме прогрес и поместување и дека ги поставивме темелите за продолжување на процесите. Кога станува збор за политики на добро владеење и воспоставување на вредносен систем, тоа е процес кој не може да се случи преку ноќ, туку е предизвик за целото општество, во повеќе мандати“.
Грковска истакна дека треба да се продолжат започнатите процеси, бидејќи политиките за добро владеење се во центарот на вниманието на меѓународната јавност и основа на барањата на ЕУ и меѓународните партнери. Таа посочи дека од 12-те принципи за добро владеење, кои ги има воспоставено Советот на Европа, изминативе две години фокусот е ставен на три столба: дигиталната трансформација на општеството, транспарентноста и ефикасноста на институциите и антикорупциските политики, а се цели кон воспоставување долгорочни и одржливи, а не популистички решенија.
Како одговорно лице за следење на почитувањето на Етичкиот кодекс за избраните и именуваните лица од страна на Владата, Грковска изјави дека при кршење на кодексот се постапувало само врз основа на аргументи и без оглед за кој функционер станува збор, како и дека примената на кодексот и позитивниот притисок од јавноста и медиумите придонесува за промена на однесувањето на носителите на функции. Во оваа насока, таа истакна дека порано не се ни спомнуваше можноста за постоење на вакви кодекси и се бараа оправдувања за функционерите кои постапуваа спротивно на етичките норми.
Во однос на постапувањето за време на изборниот период, Грковска истакна дека нема ингеренции за да реагира за однесувањето на носители на функции од другите нивоа на власт. „Затоа упативме отворено писмо, за да укажеме на сите функционери дека треба да се внимава во овој период, да се покаже демократска зрелост и да покажеме дека може да направиме разлика меѓу партиски и државни активности“, изјави вицепремиерката Грковска во Дневникот на ТВ Сител.