Плановите и математиките за претстојните претседателски избори и кај партиите и кај политичарите се во полн ек.
Овие неколку денови јавноста ја добива целосната слика за тоа кој се ќе биде кандидат на изборите.
СДСМ неофицијално, а ВМРО-ДПМНЕ официјално, потврдија дека на следните претседателски избори ќе настапат со истите кандидати од 2019 година. СДСМ со актуелниот претседател Стево Пендаровски, ВМРО-ДПМНЕ со поразената од последните претседателски избори, Гордана Силјановска Давкова.
Денеска се дозна и помпезно најавуваната „голема“ вест од ДУИ, а тоа е дека нивен претседателски кандидат ќе биде шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
Денеска исто така се реализираа и неколкумесечните најави дека градоначалниците на Карпош Стевчо Јакимовски и Куманово, Максим Димитриевски исто така ќе се вклучат во претседателската трка.
Од минатата недела и Билјана Ванковска и Арбен Таравари се потврдија како кандидати за претседател на Левица, односно албанскиот опозициски блок
За првпат со свој кандидат за претседател ќе се појави и партијата Бошњачки демократски сојуз кој ќе настапува со Мерсиха Смајловиќ, а докторот Вело Марковски ќе настапува како независен кандидат.
Но, ова се уште не значи дека е финален број на претседателски кандидати, бидејќи не е исклучено утре и за време на викендов да се појават нови кандидати.
Собирање 10.000 потписи како загревање пред претседателската трка
Тоа што досега има девет кандидатури, не значи дека ќе има и девет кандидати на гласачкото ливче.
Имено, за поднесување кандидатура до Државната изборна комисија кандидатите треба да достават 10.000 граѓански потписи или потписи од најмалку 30 пратеници од актуелниот собраниски состав.
Од сите девет имиња, само Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова ја имаат можноста кандидатурата да им биде поткрепена со 30 пратенички потписи.
Другите, ќе мора да го мобилизираат членството и граѓаните и да соберат 10.000 потписи.
Тоа најтешко ќе им биде на Смајловиќ и Марковски кои се без сериозна партиска база, но собирањето потписи како загревање за претседателската трка, сигурно ќе се претвори во натпревар меѓу Османи и Таравари за тоа кој побрзо ќе стигне до 10.000 потписи.
Постапката на собирање потписи започнува утре и ќе трае до осми март, по што ќе се знае колку имиња ќе се појават на гласачкото ливче на 24 април 2024 година.
Досега, најмногу кандидати за претседател имало на изборите во 2009 година, кога вкупно имало седум кандидати, шест мажи и една жена.