Германскиот парламент Бундестаг денеска со мнозинство гласови на владејачката социјалдемократско-зелено-либерална коалиција го отфрли барањето на опозициските демохристијани за испорака на крстосувачки ракети Таурус во Украина.
Опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ поднесе барање во Бундестагот со кое се повикува на „пресврт во германската надворешна и безбедносна политика“, што ќе овозможи испорака на ракетниот систем Таурус во Украина.
Претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и претставничката група на Унијата ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, Фридрих Мерц, ги повика претставниците на партиите на владејачката коалиција на социјалдемократите, зелените и либералите (ФДП) да гласаат според нивната совест и да ја одобруваат испораката на Таурусите.
„Украина сè уште не го добива целиот износ на ресурси што ѝ се потребни за успешно да се одбрани од руската агресивна војна“, рече Мерц. Советот за безбедност на Германија, во кој германскиот канцелар Олаф Шолц го има одлучувачкиот збор, ја отфрла испораката на германскиот ракетен систем на Украина.
Набљудувачите сметаат дека Шолц ја отфрла испораката на ова оружје имајќи предвид дека овие ракети со дострел од 500 километри би можеле да се користат и против цели длабоко на територијата на Русија и да служат за можна ескалација на конфликтот.