Утрински Весник
Македонија

Судот се брендира со лого по повод 60 години од постоењето- пуштена е поштенска марка со тираж од 6000 примероци

Viber Image 2024 02 15 14 20 56 949.jpg

Уставниот суд денеска одбележува 60 години од постоењето. По тој повод Судот се брендира со лого кое е изработено за прв пат и  во соработка со АД Пошти денеска е пуштена во употреба поштенска марка на која е претставено логото и стилизиран приказ на јубилејната година. 

Претседателката Добрила Кацарска посочи дека овој јубилеј е гордост за целата држава, подолг и од самостојноста на Републиката, со оглед на фактот дека првиот Уставен суд на Македонија бил еден од шесте судови во Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

– Долгата традиција на постоење на Уставен суд во нашата држава е доказ дека Судот го положол тестот на времето и не потклекнал на предизвиците кои се обиделе да ги поткопаат темелите на државата, демократијата и најсуштински владеењето на правото. 

За Судот оваа 2024 година е симбол на уставната традиција и по тој повод Уставниот суд преку бројни активности ќе потсетува на важноста од постоењето на Уставниот суд во правниот поредок. Зад нас е повеќе од половина век  постоење на Уставниот суд, па по тој повод решивме не само да ја информираме македонската јавност, туку и да испратиме порака до светот дека нашата држава слави долга традиција, кажа претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

На барање на Уставниот суд, АД Пошти од денеска ја пуштаат поштенската марка „60 години Уставен суд на Република Северна Македонија”.

-Ние во Пошта знаеме да кажеме дека поштенските марки се мали уметнички дела, дел од историјата но и парче хартија која го означува износот на платената поштарина.  Марката со дизајн 60 години од Уставниот е испечатена во тираж од 6000 примероци со номинална вредност од 36 денари. Дозволете ми во свое име и во име на вработените од Пошта, да ви го честитам јубилејот од 60 години и да ви посакам успех во вашата работа, кажа директорот Истрефи.

Логото и дизајнот на поштенската марка ги изработи Стојанчо Величковски, хералдичар и дизајнер, кој на денешната прес конференција во Уставниот суд пред јавноста даде приказ на користените симболи и бои при дизајнирањето.

-Посебна чест и предизвик ми беше да се зафатам да го креирам целиот овој труд и посебна инспирација ми е да се направи трајна визуелна вредност која ќе ја препознаваат идните генерации. Кога станува збор за една ваква сериозна институција ние дизајнерите правиме подлабоки истражувања во коишто ги вклучуваме и традицијата, културата, народните преданија, историја, дури и одиме до таму да ги проучуваме и флоралните елементи и значење. Сето тоа што има симболика и на крај целиот тој труд да го визуелизираме во еден визуелен приказ. Дабот, нашиот македонски даб е хералдички елемент којшто е застапен во многу митологии, преданија како многу значајно дрво, култно дрво околу кое се собирале и донесувале најзначајните одлуки за семејството, за заедницата. Дабот бил местото каде што се донесувале најзначајните судски одлуки. Токму дабот е ставен како флорален венец околу логото на  Уставниот суд, Во однос на пригодното лого коешто е јубилејно лого и се изработува за специјални прилики, тоа е направено во стилизиран приказ на 60-ка, каде што 6 и 0 се поврзани со симболот на параграфот кој е направен како два прамени кои излегуваат од еден пламен, во стилизиран приказ на националните бои на Република Северна Македонија. Се надевам дека ја оправдав мојата оценка по Уставно право на визуелен начин,рече Величковски.  

На промоцијата покрај говорниците учествуваа судиите Осман Кадриу и Фатмир Скендер, генералниот директор на АД Пошти Идри Истрефи, членовите на Управниот одбор на АД Пошти, претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, претставници на медиумите. 

По повод 60 годишниот јубилеј Уставниот суд ќе организира низа активности во текот на целата година, почнувајќи со поштенската марка, одржување на меѓународна конференција на 15 март во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со чијашто поддршка ќе биде издадена и Монографија на Уставниот суд, во која ќе се прераскаже богатата историја и традиција на чуварот на Уставот. 

Следниот период Судот ќе организира крводарителска акција во која ќе учествуваат повеќе вработени, предвидена е соработка со домашни организации која ќе се официјализира со Меморандуми за соработка, Судот ќе се ребрендира со нова веб страница којашто во моментов се подготвува.  —

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме