Утрински Весник
Македонија

Собранието ја почна расправата за изборот на Илир Демири и Наим Бајрами за министри во техничката влада 

Picture 639 660x487 1.jpg

Собранието во рамки на 143-тата седница расправа за изборот на Илир Демири и Наим Бајрами за министри во техничката влада за здравство и за информатичко општество и администрација на местото на нивните сопартијци Фатмир Меџити и Азир Алиу кои во петокот беа разрешени на предлог на техничкиот премиер Талат Џафери. За пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ е несериозно да се назначуваат министри  85 дена до крајот на техничката влада бидејќи сметаат дека тие не можат ништо да придонесат во овие ресори. Обвинија дека состојбата во здравство е катастрофална, а секоја година се менуваат министри во тој ресор. Прашаа и дали ќе ги продолжат политиките и проектите на нивните претходници и што ќе се случи со почната истрага за Онкологија и со реформите на јавната администрација во МИОА.  -Не знаеме на чиј предлог се овие министри, зад нив не стои политичка партија.  Дали на лидерот на Алијанса за Албанците или на крилото на Зијадин Села. Дали се на предлог на ДУИ зашто очигледно тоа крило на Села е под контрола ДУИ. Го трошиме времето во Собрание за вакви пародии влези-излези во Владата, наместо да се носат закони што ќе ги подобрат условите на граѓаните. . . Прашање е колку тие ќе променат нешто во секторите што ќе ги раководат. Секоја година се менува министер за здравство и никогаш не било полошо, здравството тоне, истакна Мирче Аџисоки од ВМРО-ДПМНЕ.  Неговиот сопартиец Бојан Стојановски рече дека нивната смена е „по предлог на кадрова комисија на една партија во која не се расчистени работите“, праша дали таа комисија има статутарна можност за такви предлози и што доколку судот одлучи дека тој орган е нестатутарен.  Откако техничкиот премиер Талат Џафери кратко ги претстави биографиите на предложените министри, при што за Наим Бајрами рече дека е млад магистер по ИКТ кому му се дава шанса да ја покаже својата стручност, Стојановски рече дека ставањето на функција „за да учат како  треба“, не довело во ситуација да имаме проблеми со личните документи. Според Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ, токму на тој начин е урнисан системот во државата зашто не се воделе од принципот вистински луѓе на вистински места. -Раздели па владеј е тоа што го прават СДСМ и ДУИ. Прво беше  Беса, па Алтернатива,  сега е Алијанса за Албанците, рече Пешевска.  Драган Ковачки додаде дека Алијанса за Албанците лани ја спасувала владата на СДСМ и ДУИ, а денеска тие не го почитуваат тој договор и тоа што го преговарале. Како што рече, ДУИ со 13 пратеници може да поставува министри и да не почитува договор, со што, рече, заедно  со СДСМ покажуваат дека се недоверливи партнери. -Логично прашање е кој би правел коалиции утре со нив кога не стојат на зборот, да бидат заморчиња на ДУИ. Тоа бргу ќе го осети и Зијадин Села, но не се мешам во Влада која ќе постои уште 80 дена, рече Ковачки.  Антонијо Милошоски ги советуваше новите предлог министри – да не прославуваат за овој избор затоа што не знаат колку дена ќе бидат министри во техничката влада и да внимаваат што пишуваат на социјалните мрежи затоа што Талат Џафери ги разрешил претходните откако прочитал опозициски Фејсбук статус на лидерот на нивната партија.  На расправата се полемизираше за проблемот со личните документи. Според Здравко Трајанов, мора да има одговорност и „некој треба да оди во затвор“  што не се набавени обрасци со новото име на државата. Милошоски рече дека власта направила „државен притвор за македонските граѓани“  и дека им го ветувала Брисел, а не можат ни до Врање до стигнат. – Најпонижени граѓани во Европа кои не можат да користат ни валидни патни исправи. Заложници во сопствената држава. Во јуни 2018 рекоа дека пасошите ќе се менуваат по истекот на нивната важност, ги излажаа граѓаните, а вторпат ги излажаа со изјавата дека нема да имаат вонреден трошок за нов пасош,  рече Милошоски.  Му реплицираше Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ со оценка дека негово однесување е хипокризија.   -На 11 јули 2021 почнува процес на менување на личните документи согласно договор од Преспа. Цел период ги лажете граѓаните дека не треба да ги менувате документите, ги лажете дека ќе го поништите договор од Преспа. Ако процесот почнеше од 11 јули 2021 и сериозно си ја сфетеа обврската, немаше да има вакви гужви, рече  Калеска-Ванчева.  Претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов, пак, порача дека требало да се почекааат промените во Алијанса за Албанците па да се менуваат министри. Рече дека е непринципиелно мешање во внатрешнополитички состојби во АА и дека не е невообичаено за СДСМ да се вмеша во други партии, спомнувајќи ги НСДП и ЛДП. -Наместо владата да се насочи кон услови за фер и демократски избори и за нормално функционирање на системот во државата, ние расправаме за именување министри, што нема потреба зашто може е и замениците на овие ресори да работат до крајот на оваа техничка влада, рече Трајанов. Кажа дека се залага да се расправа за дописот од Советот на Европа до Владата пратен во јануари за четирите хашки случаи за воените злосторства врз цивилите кои, рече, не застаруваат. – Има доволно историска дистанца за да има расправа. Јас се залагам да се истражат сите аспекти од 2001 – кој и зошто ја опструираше одбраната, кој извршил злосторство врз цивили, кој профитирал од конфликтот, имавме Смилковско Езеро и Диво насеље, рече Трајанов. Гордана Силјановска-Давкова од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека треба сериозно да се земе предвид дописот што од Советот на Европа стигнал на 15 јануари во Владата, а не бил проследен. -Уставниот суд веднаш може сам да покрене постапка за испитување на уставноста на автентичноста на Законот за амнестија. Делата против човештвото никогаш не застаруваат, рече Силјановска-Давкова. Техничкиот премиер Талат Џафери на почетокот на седницата кратко ги образложи предлозите Илир Демири и Наим Бајрами да бидат нови министри. Посочи дека од она што на пратениците им е пратено за нивните биографии, нема што да додаде затоа што, рече, за нив говорат нивните дела.  -Особено за предлогот за здравство, Илир Демири, нема потреба од претставување зашто секој од нас, барем ние од Полог, имал прилика, лично или член на негово семејство, да помине во Инфективната клиника и да видиме како сега ја води Клиничката болница во Тетово, рече Џафери.  За Наим Бајрами, пак, посочи дека е магистер по информатичка технологија и, како што рече, ова е прилика да се покаже и докаже во струката. Оваа седница е прекината и ќе продолжи попладнево откако пратениците ќе одржат итна 144 седница за измени на  Законот за безбедност во сообраќајот.

Можете да прочитате

Трајчулески: Тоа што Мицкоски е разочаран од Конгресот е добра вест за СДСМ

Колку реални се попустите за „Black Friday“: Маркетинг стратегија или вистински заштеди?

Чибишев: Воздух во Скопје станува алармантен, Здравјето нема цена !