Утрински Весник
Економија

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ против ВМРО-ДПМНЕ за Соларниот Парк-Стипион во Штип

Solarna Energija 1 E1610126318762.jpg

Кој е за стратешки политики во енергетиката а кој за дневна гола политика,!? Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов контра својот лидер Христијан Мицкоски. Општината ги завршила сите технички подготовки за почеток на најголемиот Фотоволтаичен Парк во Западен Балкан од кој бенефит ќе имаат сите жители на истокот. Јорданов чека амин од своите сопартијци во Законодавниот Дом за да започне реализацијата на најголемата инвестиција во овој дел од државата, која ќе го подобри енергетскиот потенцијал на земјава но истовремено ќе отвори и нови работни места во Штип.

  • За кратко време се очекува да се случи најголемата инвестиција во енегретскиот сектор во Македонија во општина Штип, а тоа е француската инвестиција во изградба на Соларниот Парк-Стипион од страна на француската компанија „Акио“ која се простира практично на општина Штип и ќе значи за нас многу како град, пред се за зголемување на енергетскиот потенцијал во време на енегретска криза но и за сите предизвици кои ни претстојат“-изјави градоначалникот на Штип Иван Јорданов во октомври минатата година по средбата со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер.

По состанокт со Јорданов, Бомгартнер добил цврсто уверување дека локалната самоуправа е на страната на инвестицијата која носи експанзија на регионот.

  • Тоа ќе биде најголемиот фотоволтаичен парк не само во државата туку во Регионот. Во поглед на економската криза која постои во светски рамки Северна Македонија ќе ја зголеми својата независност и за таа цел повеќе ќе соработуваме и ќе ги збогатуваме билатералните односи.

Сега основниот предизвик е носењето на специјален закон за оваа стратешка инвестиција кој го подготвува Владата , а потоа да го изгласа Собранието.Треба да ги предвиди сите оние поволности што следат врз база на стратешка инвестиција и по донесувањето на законот брзо ќе се потпише и договорот. Искрено се надевам дека тоа ќе се случи многу брзо, дека гласењето ќе биде со концензус, затоа што очигледен е стратешкиот интерес за државата„ изјави Бомгартнер, по октомврискиот состанок со Јорданов.

Во пресрет на двојните избори во мај, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со својата добро позната реторика, против се што нуди напредок и развој на државата. Стратешкото вложување во енергетскиот сектор од водечка компанија за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија во Франција за Мицкоски ќе има негативното влијание и според него тоа е злодело или злочин кој го прави оваа Влада.

-Еве ако е толку паметно ова што го направила Владата, јас веднаш ќе кажам се ова што го зборувам досега го повлекувам, под истите услови нека даде француската Влада во Нормандија македонска инвестиција. Но, под истите услови. Ама ако е толку добро ова за Македонија, да направиме и ние Македонците нешто добро за Франција“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на дебата Економска платформа за иднина на тема „Нов концепт за економски развој“ која се одржа во Велес.

Прва стратешка француска инвестиција во енергетскиот сектор, Соларен парк „Стипион“ еден од најголемите во Европа

За „Акио Енерџи“ од Франција јавноста дозна пред три години на владина прес конференција на која гаранција и сериозност на инвестицијата пристигна директно до францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, кој смета дека билатералните односи се подобруваат и се стекнува поголема довреба токму преку вакви сериозни потези.

-„Овој соларен парк ќе биде најголемиот кој досега е изграден во овој регион од Западниот Балкан. Истовремено ќе и помагне на земјата да го изоди својот амбициозен европски пат за намалување на емисиите на јаглероден диоксид.

Благодарение на личната посветеност, на највисоко државно и владино ниво, во секоја од нашите две земји, билатералните политички односи добија на интензитет, на доверба и на суштина. Претседателот на Франција кажа и постојано повторува дека Франција посакува пристапните преговори да започнат без одлагање, затоа што Северна Македонија, постигна извонреден напредок и го заслужува тоа. Франција прави напори, на највисоко ниво, за да се постигне тој резултат и тоа сега може сите да го видат. Оваа заложба е доказ и за стратешката визија која ја споделуваат нашите две влади, во полза на стабилноста на регионот на Западен Балкан“, рече Бомгартнер во 2021г. При објавување на инвестицијата.

Ивановски: Енергетските компании кои сакаат да инвестираат во Македонија се светски гиганти, со инвестиции во САД и ЕУ

За првиот регулатор Славе Ивановски, инвестициите во енергетиката не само што се добри туку се и добредојдени бидејќи не се знае во кој миг производството на струја може да биде критично.

– „Компаниите кои сакаат да инвестираат во земјава се гиганти во енергетиката, на светско ниво, француската компанија „Акио енерџи“ добива награди за производство на соларна енергија во САД, додека пак „Митилиенеос“ е лидер на европско ниво за обезбедување ретки материјали за обновливи извори на енергија, и во ЕУ развива проекти чија вредност достигнуваат и до 2.7 милијарди евра, токму затоа треба да сме почестени што вакви компании ќе инвестираат во земјава“, вели за Градска.мк, енергетскиот експерт Славе Ивановски.

Четирите предлог закони за инвестиции во енергетиката го поминаа првиот филтер во Собранието

Мнозинството пратениците дадоа зелено светло сите четири предлог- закони за стратешките инвестициски проекти да се донесат по скратена постапка. Со 58 гласа „ЗА“ и 31 пратеник кои гласаа „ПРОТИВ“ законите го помина првиот собраниски филтер.

Вкупната предвидена вредност на четирите стратешки инвестиции е 786 милиони евра. Само онаа за изградба на ветерниот парк „Стипион“ на локацијата на неизградениот карго аеродром во Штип, ќе обезбеди 10 отсто од потребите за струја на државата. Компанијата инвеститор АКИО се грижела да не нанесе штета на земјоделците и се откажала од 160 хектари земјиште, а се преговара за уште 10 хектари плодно земјиште, кое не е приватно, туку го користат земјоделците од тој крај.

– За првпат се води сметка за плодното земјоделско земјиште и заедно со Универзитетот во Штип станува збор на регулатива за агроволтаици, за кои досега немаше законска подлога во државата. Инвестицијата на „Стипион“ е 270 милиони евра, а за првпат се вклучува развојна компонента, која не е закон, ами придонес, па така инвеститорот е должен да врати по 1 едно евро во општината од секој метар квадратен за подобрување на социјалната инфраструктура. Парите ќе одат во посебен фонд во Развојната банка, а општините ќе конкурираат за парите со свои проекти. Се очекуваат 2,5 милиони евра годишно од сите 4 стратешки инвестиции само по овој основ“ изјави потпретседателот на Владата Фатмир Битиќи.

Бектеши: Треба да се репреговара со еден од четирите стратешки инвеститори во делот на енергетиката

Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека треба да се репреговара со еден од вкупно четирите стратешки инвеститори во делот на енергетиката за кои согласно Законот за стратешки инвестиции Владата до Собранието достави предлог закони за реализација на стратешките инвестициски проекти, по скратена постапка, кои веќе го поминаа првиот собраниски филтер.

За него, како што вели, е спорно да се дава директна државна помош од страна на Владата за профитабилни инвестиции и ако е потребно и формално правно Министерствтоо за економија ќе бара враќање на одредени решенија во владина процедура за да се преговараат од почеток.

  • Имаме четири стратешки инвестиции кои се пратени од страна на Владата во Собранието. За една од нив мислиме дека треба да се репреговара со потенцијалниот стратешки инвеститор за одредени работи имајќи ги во предвид и мислењата од надлежните институции како што се Државниот правобранител, Комисијата за заштита на конкуренцијата, министерствата за финансии, за транспорт и врски, за земјоделство, за животна средина, ЕСМ, МЕПСО и други институции кои треба дополнително да го дадат своето мислење. Не би сакал да ја наведам компанијата заради тоа што мислам дека не било фер од моја страна да наведам одредена компанија од прес-конференција, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Според досега објавените и познати информации, соларниот парк “Стипион“ ќе ги задоволува потребите за струја на околу 94.000 домаќинства. Инвестицијата вредна 270 милони евра со капацитет за произвоство од 360 до 400 мегавати, а ќе ја реализира француската компанија „Акио Енерџи“ преку Друштвото за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР” – Скопје.

Што добива Штип со Стипион?

Со капацитет од околу 400 MW, соларниот парк ќе биде најголемиот соларен проект во Источна Европа и помеѓу најголемите во Европа.

Проектот има капацитет од скоро половина од вкупниот инсталиран капацитет на сите термоелектроцентрали во Северна Македонија. Соларниот парк самостојно би задоволувал околу 10% од нето потрошувачката на електрична енергија во државата.

Лоциран на подрачјето за претходно планираниот карго аеродром во Општина Штип, наместо да троши енергија, оваа подрачје сега преку овој проект ќе произведува енергија.

Времетраењето на овој проект е 30 години, што овозможува ниска и контролирана цена на електричната енергија од страна на државата во овој период, избегнувајќи значителни негативни флуктации на енергетските пазари како во претходните години. Ова ќе овозможи и предвидливост и осигурување од енергетска зависност како резултат на геополитички кризи како што е војната во Украина и на Блискиот исток.

Можете да прочитате

Дурмиши: Oд март 2025 зголемување на минимална плата

УПОЗ не отстапува од барањето за покачување на минималната плата на 450 евра

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена