Утрински Весник
Македонија

Шекеринска, Ковачевски и Клингбеил: Регионот има што да понуди, да сработиме за полноправно членство во ЕУ 

3244.jpg

Вчера, се одржа панел дискусија на тема „Прогресивни политики – одговор на предизвиците на земјите од Западен Балкан” во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и ПолитикУм – Институт за одржливи и иновативни политики. На овој настан учество зедоа социјалдемократи од земјава и регионот кадешто дискутираа за прогресивните политики и евроинтегративниот процес.

Претставничката на Фондацијата “Фридрих Еберт” за источна Европа, Хелене Кортлаендер истакна дека основниот предизвик со кој се соочуваме во Европа е десничарскиот екстремизам.

„Веруваме дека сите земји од регионот треба да бидат членки на Европската Унија. Прогресивните движења и партиите треба да најдат практични и навремени решенија, а за тоа ни е потребен нов социјален договор”, рече Кортлаендер.

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски изјави дека Европската Унија е единствената алтернатива за земјите од Западен Балкан вклучително и за Северна Македонија, за градење економска перспектива, социјална правда, демократија, за подобар живот за граѓаните.

„Пораката од сестринската партија ПЕС, од којашто е и германскиот канцелар Шолц, дека за силна ЕУ е потребен процесот на проширување со Северна Македонија и државите од Западен Балкан е ветар во грбот на прогресивните сили во нашата држава, да се обединиме и да сработиме за полноправно членство во ЕУ во следните неколку години”, рече Ковачевски.

Претседателот на Социјалдемократската партија на Германија, Ларс Клингбеил потенцираше дека тој е првиот германски социјалдемократски лидер што доаѓа во Северна Македонија.

„Интересот на Германија и целата Европска унија е понатамошно проширување, а шесте земји од Западен Балкан се многу важни за интеграцијата да биде комплетна. Доколку сакаме да имаме силна Европска унија, процесот на проширување ни е најважен. Имаме простор и можности, треба да зборуваме како прогресивни лидери што можеме заедно да направиме за шесте земји да влезат во Европската унија и заеднички да бидеме уште поуспешни”, посочи Клингбеил.

Претседателката на ПолитикУм и потпретседателка на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), Радмила Шекеринска во излагање рече дека ПЕС секогаш била за проширување на Европската унија, а женскиот глас и учество треба да бидат водечки во процесот.

„Ние како ПЕС сме најдобриот пријател на Западниот Балкан. Го поддржуваме проширувањето но и нагласуваме дека, тоа треба да биде засновано на вредности, критериуми, да ги направи земјите поефикасни и ориентирани кон граѓаните. ПЕС продолжува да бара ефикасна политика за проширување започнувајќи со Западниот Балкан. Сметам дека заедно во рамките на регионот, како и во форматот на партијата на ПЕС ќе можеме да ја движиме не само агендата на проширување, туку и прогресивната политика. Регионот има што да понуди”, истакна Шекеринска.

Можете да прочитате

Ана Котевска освои златна медала на интеранационалната Олимпијада по германски јазик

Влен почнува со формирање на Академија на Албанците за Наука и Уметност

ВМРО ДПМНЕ: Кога следен пат од СДС ќе зборат за наводни криминалци прво нека си заметат во својот двор