Утрински Весник
Свет

Мадагаскар донесе закон за кастрација на силувачи на малолетници

Sudija.jpeg

Оваа недела Мадагаскар усвои закон за казнување на осудените силувачи на малолетници со хируршка или хемиска кастрација, а меѓународната невладина организација за човекови права Амнести интернешнал (АИ) ја оцени мерката како „сурова, нечовечка и понижувачка“.

Текстот на законот беше усвоен од Долниот дом на парламентот на почетокот на февруари, а потоа во средата од Сенатот. Законот допрва треба да биде потврден од Високиот уставен суд (ВСК) пред претседателот Андри Раџоелина да го прогласи за валиден.

Казната за хируршка кастрација е предвидена за „сторителите на силување извршено врз дете под десетгодишна возраст“. „Хемиската или хируршката“ кастрација е наменета за силувачи на деца на возраст од десет до 13 години, додека хемиската кастрација е наменета за силувачи на малолетници од 13 до 18 години.

АИ ги повика властите на Мадагаскар да го повлечат текстот, велејќи дека хемиската или хируршката кастрација „претставува сурово, нечовечко и понижувачко постапување“ и дека „нема да го реши“ прашањето за силување на деца.

Таа мерка, исто така, според невладината организација, „не е компатибилна со уставните одредби на Мадагаскар против тортура и малтретирање, како и со регионалните и меѓународните стандарди поврзани со човековите права“.

Мадагаскар, голем остров во Индискиот Океан, „е суверена земја која има право да ги менува или усвојува своите закони“ во општ интерес, изјави денеска за Франс прес министерката за правда Ланди Мболатијана Рандријаманантеназоа.

-Соочени со зголемувањето на силувањата, моравме да реагираме за да ја сузбиеме оваа појава, додаде министерот прецизирајќи дека лани биле евидентирани 600 случаи на силување на малолетници.

Претходно минималната казна беше пет години затвор.

-Додадовме дополнителна казна кастрација која дополнително ќе ја изрече судијата, рече таа.

Можете да прочитате

Драма на аеродромот во Анталија, авион се запали – евакуирани 79 патници

Сибиха бара партнерите да и обезбедат на Украина системи за пресретнување на ракетите Орешник

Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд