Утрински Весник
Култура

Иднина? За Русија во моментов нема такво нешто, порачува рускиот пистел Лебедев

6 1024x768 1.jpg

Сергеј Лебедев е руски писател и новинар кој живее и твори во егзил во Берлин. Далеку од Русија, во интервју за Трн.мк тој вели дека неговиот дом секогаш ќе биде неговиот јазик – тоа е нешто што останува со вас, кога ќе изгубите се друго. Критичарот на политиката на Путин сонува за нов систем, нова безбедносна конструкција каде нуклеарните сили како Русија нема да можат никого да злоупотребуваат. Неговата проза ги истражува темните дамки на советското минато во кое генерации негови претци се жртви на режимот. Делата на Лебедев се селектирани во најтесниот избор за многу руски и европски книжевни награди. На покана на „Kонтрапункт“ минатиот ноември тој беше во Скопје како дел од дебатата „Литературата во време на конфликт“, на која Лебедев  ќе каже- конфликтите во кои живееме ја поларизираат уметничката сцена, но и нè враќаат на значењето на уметноста како алатка за отпор.

Трн: Во ноември бевте во Македонија на литературно читање на тема „Литературата во време на конфликт“ во организација на  „Kонтрапункт“. Како поминавте во Македонија?

Сергеј: Тоа беше моја прва посета на Македонија. Мојата книга „Дебитант“, роман за отровот како оружје за политичко убиство во СССР и Русија, беше преведена на македонски јазик и беше објавена претходно во 2023 година. За секој автор е посебно чувството да се открие нова земја каде вашата книга е преведена и да се обидете да го прочитате вашиот текст на нов јазик. Затоа сум многу благодарен на издавачот и читателите! Се надевам дека ќе се вратам повторно, бидејќи колегите од „Kонтрапункт“ми кажаа многу и за планинарењето по македонските планини.

Трн: Поминаа речиси две години на смрт и уништување од огромни размери. Го гледате ли новиот план на новото руско општество или можеби тоа и не е ново, туку е само зацврстена Русија на Путин? Што носи иднината за Русите?

Сергеј: Иднина? За Русија во моментов нема такво нешто. Русија се враќа во своето минато. Или можеме да кажеме таа е опседната од минатото. Идеологија, правило, реторика – сето тоа доаѓа од XX век, сето тоа е само повторување. Можеме да кажеме дека тоа е ерупција на непокајаното советско наследство, враќање кон насилството кое не беше никогаш казнето. Или, поинаку кажано, тоа е бунт на архаичноста, одмазда кон модерноста, милитантна манифестација на заостанатост. Битка помеѓу вчера и утре. Значи, ако иднината има нешто за Русите, тоа е разочарување и срам.

Трн: Опозицијата во Руската Федерација речиси непостоечка, гледате ли некои можни идни прогресивни и демократски сили способни да направат промена во општеството во догледна иднина?

Сергеј: Демократските сили (во Русија), за жал, се покажаа како импотентни. По две години од целосната инвазија, сè што имаме се некои конгреси и собири, каде што луѓето си играат игри преправајќи се дека имаат некаква моќ, авторитет, потпора. Нема унифицирана програма, нема вистински сојуз, нема концепт на одговорност кон Украина. Едвај се слушаат гласовите на неруските националности. Рускиот колонијален/империјален начин на размислување е едвај признаен. Ако нешто може да биде симбол на интелектуална беда, тоа е токму руската политичка опозиција.

Трн: Дали сме подготвени „да зборуваме за вистинска болка, страв, крв и смрт“?

Сергеј: Кои сме овие „ние“? Мислам дека проблемот е што колективното „ние“ на Европа е фатаморгана, а не реалност. Руската агресија само го направи ова видливо и опипливо. Луѓето во поранешните југословенски републики знаат за војната повеќе од кој било во модерна Европа. Дали се бара нивното знаење? Се сомневам дека е така. Често може да се слушне дека руската војна против Украина се нарекува „првиот голем вооружен конфликт во Европа“ по Втората светска војна, што не е точно. Но, повторно, меморијата е многу кратка и поделена, многу селективна. И за да се понуди поголема, инклузивна слика ќе биде многу тешко да се оствари.

Трн: Слободата, демократијата, владеењето на правото… некои мислат дека овие вредности се под закана на глобално ниво. Какво е Вашето мислење? Дали овој свет (да го преформулираме Хемингвеј) е сè уште добро место и вреди да се бориме?

Сергеј: Немаме свет Б, така што одговорот е очигледен. Нашите предци виделе посурови времиња. Времиња кога навистина немало надеж. Сепак, некои од нив останаа цврсти. Зошто не би можеле или не би требале ние? Господинот Путин е вешт продавач на стравови. Како оперативец на КГБ, тој беше професионално обучен да заплашува, да присилува кон потчинување. Тој не знае ништо за позитивните вредности, за довербата, пријателството, почитта, но знае многу за стравовите и за тоа како да ги искористи. Но, треба да престанете да го купувате сето тоа. Светот е добро изграден, добро прилагоден за добар живот и не можеме да го предадеме на сите видови на злосторници.

Трн: Живеете во Берлин, град во кој историјата, по правило, се случува. Некогашен симбол на поделениот свет со Железната завеса, сега е сцена за борбата меѓу екстремната десница и оние што и се спротивставуваат. Како еден Русин кој живее во егзил се вклопува во Берлин денес?

Сергеј: Неколку од моите предци побегнаа во Берлин пред еден век, спасувајќи се од болшевиците. Ги знам нивните поранешни адреси во градот, можам да ги читам нивните писма. И јас сум тука – сто години подоцна, повеќе или помалку од истата причина. Тоа е прилично силно чувство. Сè се промени – и ништо не се промени. Повторно Русија го прекинува сопствениот развој. Но, на некој начин, бидејќи се работи за повторување, се чувствувате себеси како во роман напишан од графоман, личност без фантазија. Исто така, кажува многу за самата руска култура – колку лесно може да се искорени.

Трн: Вие сте наградуван писател. Вашите книги се преведени на повеќе од 20 јазици. Се вклопувате во долгата руска традиција да ги прогонува нејзините најдобри писатели и уметници. Како се чувствувате лично? Каде е Вашиот дом?

Сергеј: Мојот дом е мојот јазик. Можеби звучи патетично, но јазикот е последното нешто што останува со вас, кога сте изгубиле се друго. Руската влада во моментов води војна против јазикот, обидувајќи се да го корумпира, да ја избрише смислата од зборовите, или да избегне одредени зборови. Но, јазикот не може да ви се одземе, освен ако не се предадете. Вацлав Хавел го нарече својот познат есеј за социјалистичкото несогласување „Моќта на немоќните“. Така, за мене јазикот е последната сила, моќта што постои кога другиот ќе го нема. Во која смисла тоа е моќ? Не зборувам само за политичка мисла. Или разоткривање лаги и пропаганда. Режимот на Путин не нуди вистинска иднина, тој е некрофилски и е поттикнат од темните сенки на минатото. А, јазикот во своите највисоки способности е медиум на животот, најдобрите книги, меѓу другото, го продлабочуваат нашето чувство за постоење, нашата способност да бидеме живи – што значи да одговориме на страдањата на другите, да бидеме луѓе.

Трн: Да се ​​вратиме на мотото на настанот во Скопје „Книжевноста во време на конфликт“, дали мислите дека овие постојано растечки конфликти низ светот ги менуваат културно-уметничките сцени ширум светот? Што можеме да очекуваме во блиска иднина? За што сонувате?

Сергеј: Да, тие ги менуваат – или подобро да се каже, ги поларизираат уметничките сцени. Ја наоружуваат уметноста. Но, во исто време, овие конфликти нè враќаат на значењето на уметноста како алатка за отпор. Во блиска иднина можеме да очекуваме бура – помала безбедност, помала сигурност за сите. Десничарски бран кој се зголемува. Овие одговори се очигледни. Но, она за што сонувам е нов систем, нова безбедносна конструкција каде нуклеарните сили како Русија нема да можат никого да злоупотребуваат. Веројатно и за нов договор за нуклеарно разоружување. По 1991 година никој не се грижеше за нуклеарното оружје, Студената војна беше завршена. Но, сега тие повторно играат улога, бидејќи за прв пат во историјата земја која е способна апсолутно да го уништи планираното е управувана од диктатор, а овој диктатор го губи умот.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“