Утрински Весник
Свет

Нови американски напади врз Хутите во Јемен

Napad Huti.jpg

Американската армија синоќа изврши нов напад врз Хутите во Јемен, ова го потврди Централната команда на Соединетите Американски Држави (Центком), пренесува Би-би-си.

Центком објави дека американските сили целеле и погодиле противбродски балистички ракети, вклучително и четири противбродски ракети кои „биле спремни да гаѓаат бродови во Црвеното Море“.

Последната акција доаѓа еден ден по заедничките американско-британски напади врз цели на Хутите. Тоа е реакција на континуираните напади на Хутите поддржани од Иран врз воени и трговски бродови во Црвеното Море.

Нападите врз Хутите ги принудија големите бродски компании да избегнуваат пловење по тој пат, што има влијание врз меѓународната трговија.

Заедничките напади на САД и Велика Британија во саботата му претходеа на овој напад, а Хутите ветија дека ќе одговорат на акциите на САД и Велика Британија.

„Овие напади нема да не одвратат од нашиот морален, верски и хуманитарен став за поддршка на палестинскиот народ во Појасот Газа и нема да останат неказнети и неодговорени“, рече воениот портпарол на Хутите, Јахја Сареа.

Претходно, Белата куќа предупреди дека нејзините воздушни напади врз цели поддржани од Иран во Ирак и Сирија се само „почеток, а не крајот“ на американскиот одговор на Иран.

Советникот за национална безбедност Џејк Саливан за американските медиуми во неделата изјави дека „ќе има повеќе активности“.

Тоа е одговор на САД на смртта на тројца американски војници во напад со беспилотно летало врз воена база во Јордан минатата недела.

Иран негира каква било вмешаност во нападот, додека милитантната група Исламски отпор во Ирак ја презеде одговорноста за чинот, но САД се сомневаат и го обвинуваат Техеран дека таквите и слични групи се финансирани и вооружени директно од Иран.

Можете да прочитате

Над седум милиони Американци ќе можат да добијат бесплатни лекови за прекумерна тежина

Марин Ле Пен може да предизвика огромна финансиска криза во Европа

По 20 години, уапсен е еден од најбараните бегалци по кои ФБИ имаше издадено потерница