Во пожарите кои беснеат низ делови од централно Чиле загинаа најмалку 64 луѓе, а земјата се соочува со „трагедија од многу големи размери“, изјави чилеанскиот претседател Габриел Бориќ, предупредувајќи дека бројот на жртви најверојатно ќе се зголеми во наредните денови.
Шумските пожари кои избувнаа пред неколку дена ги загрозуваат надворешните рабови на туристичките градови Виња дел Мар и Валпараисо, кои заедно имаат повеќе од милион жители.
Властите воведоа полициски час по 21 часот во најтешко погодените области и ја испратија војската да им помогне на пожарникарите да го спречат ширењето на пожарот, додека водата од хеликоптерите се обидуваше да го скроти пламенот од воздухот.
Бориќ, објавувајќи дводневна национална жалост од утре, најави уште лоши вести. „Таа бројка сигурно ќе порасне, значително ќе порасне“, рече Бориќ во телевизиското обраќање до нацијата. Бројот на загинати од 51 во саботатаво се зголеми на 64 во неделата.
Стици луѓе се водат како исчезнати, соопштија властите, 1.000 домови се оштетени.
Иако шумските пожари не се невообичаени во текот на летото на јужната хемисфера, смртоносноста на овие пожари ги прави најголемата национална катастрофа во земјата од земјотресот во 2010 година, во кој загинаа околу 100 луѓе.
Минатата година, по рекордниот топлотен бран, загинаа триесетина луѓе, а беа зафатени повеќе од 400.000 хектари земја
„Сите сме заедно во борбата против оваа несекојдневна ситуација. Приоритет е да се спасат животи“, дециден е Бориќ.