Утрински Весник
Свет

Руското МНР ја осуди одлуката на Еквадор да им предаде на САД воена опрема од руско производство која ќе заврши во Украина

Picture 95 660x393 1.jpg

Руското Министерство за надворешни работи денеска ја осуди одлуката на Еквадор да им предаде на САД воена опрема од руско производство, која ќе заврши во Украина, како „непромислено“ прекршување на договорот, пренесе руска новинска агенција.

Владата на Еквадор минатиот месец соопшти дека ќе ја прифати понудата од Вашингтон за размена на, како што рече, „украинско и руско старо железо“ за напредна американска опрема вредна 200 милиони долари.

САД најавија дека оружјето што го добиваат од Еквадор ќе биде испратено во Украина за да и помогне на таа земја да ги зајакне своите сили на бојното поле против Русија.

Белоруски портал во средината на јануари објави дека Еквадорците поседуваат хеликоптери Ми-171Е и лесно преносливи противвоздушни системи „Игла“.

Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, изјави за руските медиуми дека одлуката на Еквадор е донесена под притисок на надворешни сили.

„Таква непромислена одлука еквадорската страна донела под сериозен притисок од надворешни страни. Нашите партнери се добро запознаени со одредбите од договорот, кои вклучуваат обврска да се користи испорачаната опрема за наведените цели и да не се предава на трето лице без да се добие согласност од руската страна“, рече Захарова.

Властите во Еквадор соопштија дека Москва е против тој потег, но дека веруваат дека сепак имаат право да го сторат тоа.

Можете да прочитате

Штајнмајер го распушти Бундестагот, Германија оди на вонредни избори на 23 февруари

Украина испраќа 500 тони брашно во Сирија

Светот во 2024 / САД – Избори како никогаш досега и “паразит што изел парче од мозокот на Кенеди”