Над 492 милиони евра е поддршката за стопанството за одржување на ликвидноста на компаниите, конкурентноста и поддршка за инвестиции во обновливи извори, субвенционирање на придонеси за повисоки плати). Деветтиот пакет антикризни мерки кој го усвои Владата во ноември е достапен за околу 70.000 компании.
На приватниот сектор (претежно на малите и средни препријатија), му се дава државна поддршка пред се во поддршка на конкурентноста, на зелената транзиција и поддршка на женското претприемништво, со средства кои главно се обезбедени преку поволни кредитни линии од меѓународни институции. Една од мерките се однесува на зајакнување на кредитната линија за поддршка на МСП секторот за енергетска ефикасност и зелена транзиција, преку издавање зелена обврзница во износ од 10 милиони евра. Со оваа мерка се овозможува кредитирање на малите и средни претпријатија со цел да се поттикнат да инвестираат во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.
Уште една од мерките која ќе донесе значителна ликвидност кај фирмите е Седмата кредитна линија за зелена транзиција на ЕИБ, во вредност од 100 милиони евра, со која ќе се поддржат инвестициите на фирмите во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.
Обезбедена е кредитна линија со поволни кредити за фирмите во вредност од 50 милиони евра, преку Француската агенција за развој за поддршка на инвестиции, за поддршка на проекти со позитивен придонес врз животната средина и проекти за намалување на негативните ефекти од климатските промени и адаптација и поддршка на женското претприемништво и финансирање процеси за дигитализацијата.
Важна мерка за фирмите, но и вработените во приватниот сектор, е ослободувањето од плаќањето на придонеси за постојни вработени заради зголемување на нивните плати од 3.000 денари до 9.000 денари (според последно исплатена плата, за вработени со плата до ниво на просечна месечна плата на национално ниво). Основата за споредба е просекот од исплатените 3 последни месечни плати. Работодавачот ќе плати данок на личен доход, а ќе биде ослободен од плаќање на здравствено и пензиско осигурувањe за делот за зголемувањето, во период од 12 месеци.
Универзитетскиот професор и економски аналитичар, Абил Бауш смета дека со 9-тиот пакет на антикризни мерки кој вклучува и финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите за нови и постојни вработени и за зголемување на платите, особевно се става акцент на стимулирање на вработувањето и поддршка на економијата во време на инфлација и намалена економска активност.
-Прво, финансиската поддршка за субвенционирање на придонесите може да биде значајна за фирмите, особено за оние кои се соочуваат со финансиски предизвици поради инфлацијата и намалената економска активност. Ова може да им овозможи на фирмите да задржат или дури и да зголемат бројот на вработени, што е круцијално за оправување на економијата. Второ, мерката за зголемување на платите на работниците од 3.000 до 9.000 денари може да има позитивен ефект на животниот стандард на работниците, особено во период на висока инфлација како што беше во 2023 година. Покачувањето на платите може да помогне во заштита на куповната моќ на работниците, вели Бауш.
Во контекст на претстојни парламентарни и претседателски избори, воведувањето на антикризни мерки како финансиска поддршка и субвенции може да се интерпретира и како дел од предизборна кампања, додава Бауп. Тој смета дека таквата интерпретација често се заснова на фактот дека властите можат да се обидат да ги подобрат своите рејтинзи и да го засилат својот јавен имиџ пред изборите преку популарни мерки кои директно влијаат на граѓаните и бизнисите.
Предизборните кампањи често се карактеризираат со објавување на политики кои се дизајнирани да привлечат гласови, при што економски стимулации може да бидат посебно ефективни. Овие мерки може да бидат добро примени од јавноста, особено ако се чини дека тие ќе помогнат во решавањето на актуелни економски проблеми, како што се инфлацијата и намалената економска активност, додава тој.
Сепак, важно е да се напомене дека вистинската мотивација зад воведувањето на вакви мерки може да биде сложена и да зависи од многу фактори. Додека едни можат да гледаат на овие мерки како на чисто предизборен маневар, други можат да ги сметаат за неопходни акции за поддршка на економијата и граѓаните во тешки времиња. Во секој случај, анализата на политичките мерки треба да биде целосна и да земе предвид повеќе аспекти, вклучувајќи и политички, економски и социјални фактори. Важно е да се земе предвид дека овие мерки самите по себе не се доволни за целосно опоравување на економијата. Неопходно е да се имаат предвид и други фактори, како што се подобрување на бизнис климата, инвестиции во инфраструктура и технологија, и стимулирање на иновациите и извозот. Дополнително, мониторингот и приспособувањето на овие мерки се клучни за нивно успешно спроведување и за постигнување на максимални бенефити од нив“, вели Универзитетскиот професор и економски аналитичар, Абил Бауш.
Ефектите од овие мерки Владата очекува да се видат кога ќе започне нивната реализација и кога ќе почнат да се анализираат макроекономските податоци, како што тоа се направи за претходните пакети.
Нема универзален рецепт за побрзо заздравување и забрзување на растот, тоа ќе биде процес на постојано прилагодување и надградување. Моделот треба да се скрои согласно економската структура, окружувањето и очекувањата, да се има целата слика при кроењето на стратегијата и секогаш прва и последна точка треба да биде добробитта на граѓаните. Тоа е економската формула која ќе даде успех“ напиша во својата колумна, тогашниот Министер за финансии, Фатмир Бесими.