Италијанскиот тенисер Јаник Синер ја освои титулата на Австралија опен, откако во финалето на првиот сезонски гренд–слем турнирот во Мелбурн се врати од негатива од 0:2 во сетови и го совлада Русинот Данил Медведев со 3:6, 3:6, 6:4, 6:4,6:3. Финалето за трофејот „Норман Брукс“ во „Род Лејвер Арена“ донесе возбудлив тенис и се играше три часа и 46 минути. На патот до титулата во Мелбурн во своето прво гренд–слем финале во кариерата Синер во полуфиналето го совлада најдобриот светски тенисер десеткратниот освојувач на трофејот во Мелбурн, Новак Ѓоковиќ, кому му го нанесе првиот пораз по серијата од 33 сингл победи на Австралија опен. Финалето во Мелбурн беше десетти меѓусебен дуел на Медведев и Синер во кој италијанскиот тенисер ја забележа четвртата победа. За Медведев ова беше шесто гренд–слем финале во кариерата по кое остана на единствената титула освоена на Ју Ес Опен во 2021 година. Рускиот тенисер повторно не се прослави во финалето во Мелбурн каде што го претрпе својот трети пораз. Ако првиот беше „безболен“ од првиот светски рекет Ѓоковиќ, со убедливи 3:0, вториот и третиот се слични и се болни за Русинот.