Утрински Весник
Македонија

Петровска на отворањето на Регионалниот центар за лекување на хематолошки болести: пријателството и сојузништвото со САД ги надминуваат сите граници

Slika 10 1536x1025

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на Клиниката за хематологија во Скопје присуствуваше на отворањето на новиот Регионален центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки, здравствен капацитет поддржан со еден милион долари од Европската команда на Армијата на САД.

На отворањето, министерката Петровска истакна дека сојузништвото и стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави ги надминува сите граници и покажува хумана димензија.

„Многу пати досега како министерка за одбрана заедно со нашите сојузници од САД сме зборувале на настани кои ја претставуваат нашата блиска соработка во безбедноста и одбраната. Навистина во таа соработка направивме многу и во заедничките обуки и тренинзи, и во модернизацијата на Армијата и во заедничкиот придонес кон колективната безбедност. Денешниот настан покажува дека сојузништвото и стратешкото партнерство кое го изградивме со Соединетите Американски Држави ги надминува сите граници и овој пат ја покажува својата хуманитарна димензија. Регионалниот  центар за лекување на хематолошки болести што го промовираме денеска, кој ќе понуди лекување со најсовремените методи за нашите граѓани, доби поддршка од Европската команда на Армијата на САД, која со донацијата од еден милион долари и со средствата кои ги одвоивме од Буџетот на Северна Македонија, овозможи да се реализира еден капитален проект во здравството”, рече Петровска. Додаде дека центарот ќе биде од огромна полза за граѓаните  и ќе значи подобра грижа за секој пациент.

Министерката им се заблагодари на директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска – Ставридис, на персоналот на Клиниката за хематологија и на сите здравствени работници за нивната помош на секој пациент, како и на заменикот-амбасадор Ерик Мејер за долгогодишната поддршка од САД во развојот на Северна Македонија, истакнувајќи дека ова не е прв проект во здравството кој се реализира заедно со САД.

„Досега реализирани се десетина проекти меѓу кои реновирањето на болницата 8. Септември, на психијатриската болница во Демир Капија, Клиниката за детска хирургија во Скопје и други. Затоа, секогаш кога зборувам за македонско-американската соработка велам дека таа не е само сојузништво, таа не е само стратешко партнерство – таа е пријателство!”, заклучи министерката.

Заменикот – амбасадор Мејер порача дека во последните неколку години здравствениот сектор преку Канцеларијата за одбранбена соработка бил поддржан со шест милиони долари и дека оваа поддршка е одраз на посветеноста на САД на граѓаните на Северна Македонија. Горди сме што сме ваши партнери и сојузници, зашто ние сме посилни и подобри заедно, рече заменик-амбасадорот на САД, Мајер.

Можете да прочитате

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме

На „Блаце“ и „Табановце“ се чека од 30 минути до 60 минути