Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и премиерите на Холандија и Хрватска, Марк Руте и Андреј Пленковиќ денеска ќе престојуваат во Сараево со цел да дадат поттик на напредокот во пристапниот процес на Босна и Херцеговина, откако лидерите на Унијата на Самитот минатиот месец изразија подготвеност за старт на пристапните преговори со земјата, откако таа ќе постигне неопходно усогласување со критериумите за членство, соопшти ЕК.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, предвидено е за време на престојот во Сараево, Фон дер Лајен, Руте и Пленковиќ да се сретнат со членовите на Претседателството на БиХ, со премиерката Борјана Кришто, со членовите на Колегиумот на босанското Парламентарно собрание, како и со претставници на граѓанското општество.
Заменичката главна портпаролка на ЕК, Аријана Подеста, минатата недела најавувајќи ја посетата изајви дека таа доаѓа во многу важен момент од процесот на пристапување на БиХ кон Европската Унија, особено по одлуката на декемврискиот Самит на ЕУ. Во заклучоците од Самитот, лидерите побараа од Европската комисија најдоцна во март 2024 година да поднесе извештај до нив за напредокот што ќе го постигне БиХ, со цел да донесат одлука за отпочнување на преговорите.
– Целта на посетата е да се поддржат босанските власти и да се поттикнат во спроведувањето на промените што мора да ги направат за да дојдат до преговарачкиот процес, додаде Подеста.
Портпаролката на ЕК за соседска политика и проширување Ана Писонеро, на истата прес-конференција, нагласи дека доделувањето на кандидатскиот статус на БиХ донесе позитивна динамика во земјата во текот на минатата година, што резултираше со условената препорака на Советот на ЕУ за старт на преговорите за членство.
– Од особена важност е да видиме напредок од страна на Босна и Херцеговина кога станува збор за клучните приоритети, што и беа поставени на земјата кога Европскиот совет и го додели кандидатскиот статус, додаде Писонеро.