Потпишувањето на петициите со кои би се отворил пат за смена на актуелните градоначалници во четири општини на северот од Косово е веќе завршено, потврдија претставници на групите кои го иницираа, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ).
Дарко Вуксановиќ, од Иницијативната група за Звечан, за РСЕ потврди дека на првиот ден (петок, 19 јануари) веќе биле собрани доволен број потписи.
Голем број потписи се собрани и во општина Зубин Поток, потврди Срѓан Вучиниќ, исто така еден од иницијаторите.
Претходно Сања Кртиниќ од иницијативната група во Северна Митровица изјави дека процесот на собирање потписи е завршен, додека во саботата на 20 јануари доволно потписи се собрани и во општина Лепосавиќ.
Иако не прецизираа колку граѓани се потпишале, иницијаторите велат дека се собрани повеќе потписи од потребниот минимум.
Инаку, според податоците на Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово, петицијата требаше да ја потпишат најмалку 3.640 гласачи со право на глас во општина Северна Митровица, 2.689 во Лепосавиќ, 1.411 во Звечан и 1.347 гласачи во Зубин Поток, кои сочинуваат 20 отсто од вкупниот број гласачи.
Следен чекор е поднесување на петицијата на запишаните избирачи до претседателите на општинските собранија.
По поднесувањето на петицијата со потписи, претседателот на општинското собрание има рок од три дена да ја достави до ЦИК на разгледување и проверка.
Доколку ЦИК потврди дека се собрани соодветните потписи и ги потврди, се организира гласање за разрешување на градоначалникот, кое мора да се одржи во рок од 30 до најмногу 45 дена.
За да биде успешно гласањето, потребни се 50 отсто плус еден глас од граѓаните со право на глас.
Градоначалниците Албанци беа избрани во април 2023 година, на избори кои беа бојкотирани од Србите, како знак на незадоволство од политиката на Владата на Косово.