Првиот натпреварувачки ден на 4. Зимските младински олимписки игри во јужнокорејскиот град Гангвон ја донесе трката во биатлон на 12.5 километри на која меѓу 100 пријавени учесници настапи и македонскиот биатлонец Благоја Најденоски.
Македонскиот 18-годишен претставник ја заврши трката на 90. место, заостанувајќи 14:53,3 минути зад победникот Антонин Гај од Франција. Среброто го освои Норвежанецот Сторм Веитсле, а бронзата Маркус Скленарик од Словачка.
Претходно, денеска на олимписките борилишта во Гангвон се појави и македонската биатлонка Андријана Кајевска, која во трката на 10 километри го освои 97. место во конкуренција на 98. учеснички.
Во четиричлената македонска експедиција на „Гангвон 2024“ се и Давид Торевски и Матеа Трајковска, кои ќе настапат во крос кантри.
На Зимските младински олимписки игри во Гангвон се пријавени над 1.800 спортисти на возраст од 15 до 18 години од 80 држави.