Двократниот финалист на Австралија опен, Данил Медведев од Русија се пласираше во третото коло на овогодинешниот Грен слем во Мелбурн.
Медведев по голем пресврт и по четири часа и 21 минута игра го совлада Финецот Емил Русувуори со 3:2, во сетови, 3:6, 6:7, 6:4, 7:6, 6:0. Финецот одигра фантастично во првите два сета. Првиот го реши во своја корист по стартната пауза и спаси сервис до крајот. Во вториот фантастичен старт имаше и Русувуори. Направи инстант брејк и го задржа до шестиот гем кога Медведев израмни на 3:3. До крајот на сетот се виде уште по еден брејк на двете страни, Русинот имаше три сет топки, но по тај-брејкот Русевуори повторно славеше. Во тоа време се чинеше дека 53. играч на светот е блиску до победа, но тогаш дојде до голем пресврт на третиот играч на планетата. Медведев во третиот сет двапати го кршеше сервисот на ривалот и го намали резултатот на 2:1.
Голема драма беше видена во четвртиот сет. На стартот Русинот му го одзеде сервисот на Русувуори, но аутсајдерот го врати брејкот зад себе и се избори за нов тај-брејк, но овојпат Медведев беше доминантен во решавачкиот гем и стигна до израмнување во сетови – 2:2. После тоа играта на Русувуори како да се распадна. Медведев доминантно го доби петтиот решавачки сет без загубен гем и се пласираше во следната рунда.