Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод потпишување на договор за реализација на проект за изградба на Ресурсен Центар за повратници и лица во ризик во Општина Шуто Оризари. Преку Ресурсниот центар граѓаните ќе имаат непречен пристап до здравствени, социјални услуги, вработување, предучилишно и училишно образование и пристап до правна помош.
Во продолжение ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Димитар Ковачевски:
„Почитуван градоначалник на општина Шуто Оризари, г. Курто Дудуш,
Почитуван постојан претставник на УНДП во нашата земја, Армен Грегоријан,
Почитуван раководител на одделот за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, мојот драг пријател, Штефeн Худолин,
Почитуваните пратеници, пратеничката Шиковска, вработените во Општината, во советот на Општината и сите драги пријатели на Општина.Шуто Оризари,
Почитувани претставници на медиумите,
Денеска сме за убав повод овде, во Општина Шуто Оризари, каде отпочнува со реализација проектот за изградба на Ресурсен центар за нашите сограѓани, прв од ваков вид во земјава.
Ресурсниот Центар е предвидено да биде мост меѓу жителите на оваа општина и државните институции, наменет пред сѐ за повратниците, како и за сите жители на Општината Шуто Оризари кои ќе можат полесно и побрзо да дојдат до бараната услуга во соодветната институција.
Преку Ресурсниот центар граѓаните ќе имаат непречен пристап до повеќе административни услуги меѓу кои здравствените и социјалните услуги, вработување, предучилишно и училишно образование и пристап до правна помош.
Со еден збор, еден модерен, едношалтерски систем каде што ќе можат сите информации и услуги граѓаните на Шуто Оризари да ги добиваат на едно место, брзо и ефикасно и потоа да бидат процесирани или да бидат упатувани и советувани што треба да направат.
Центарот треба да обезбеди социјална и економска реинтеграција на жителите на Шуто Оризари и ќе создаде повеќе можности за повратниците да станат поактивни на пазарот на трудот.
Ресурсниот центар е планиран да биде мултифункционален објект, прилагодлив зависно од потребите граѓаните, и да е лоциран во зградата на Општината Шуто Оризари. Истиот е предвидено да се заврши до крајот на годинава, и ќе чини околу 180 илјади евра, од кои околу 81.000 евра ќе бидат обезбедени преку ЕУ, додека останатите ќе ги обезбеди општината за што навистина изразувам честитки од Општината, градоначалникот, советот и до сите кои што се вклучени.
Ова е центар кој ќе донесе нова динамика во живеењето во општината, и верувам дека ќе придонесе кон развојот на општината и кон повисок квалитет на живот за граѓаните.
Во овој контекст, ние како Влада континуирано се залагаме за развој и јакнење на инфраструктурата на сите општини, вклучувајќи ја и Општината Шуто Оризари. Тоа го покажавме и преку реализација на различни проекти директно поддржани од Владата.
За период од само 3 години инвестиравме над 2,5 милиони евра во инфраструктура, образование, социјала, здравство, како директна поддршка за имплементација на локални активности од Националната Стратегија за инклузија на Ромите за којашто мора да се заблагодарам и на моите советници кои потекнуваат од Општината Шуто Оризари кои навистина на високо ниво професионално ја извршуваат својата работа во Владата на Република Северна Македонија.
Наменивме средства за реконструкција, рехабилитација и подобрување на комуналната инфраструктура и улиците во Општина Шуто Оризари.
Спроведуваме и значајни проекти во областа на домување. Преку Инструментот за пристапна помош наменет за Шуто Оризари за оваа цел се насочија средства во износ од околу половина милон евра.
Со новиот деветти пакет на антикризни мерки предвидовме помош и за над 74.000 социјално ранливи категории на граѓани. Додека, со Законот за матична евиденција, за што сум искрено благодарен на пратеничката Шиковска, овозможивме повеќе од 500 граѓани да добијат идентитет и да станат видливи во општеството, со што го решивме деценискиот проблем со неевидентираните лица. Ова е огромен успех и за нас како држава, бидејќи вакви решенија се реткост во светски рамки, а е исклучителен успех и за граѓаните. Со ова ние станавме прва земја во Европа која нема незаведени граѓани во матичната евиденција.
Во близина на Центарот кој ќе се гради овде, е и една од најмодерните градинки, градинката „8 Април”, која е изградена и опремена по сите стандарди со капацитет за над 300 деца, една од поголемите во државата. Во рамките на градинката функционира и Центарот за згрижување на деца во социјален ризик, со што помогнавме на децата од социјален ризик и тие да се вклучат во воспитно-образовниот процес.
Од 2017 година досега се отворени вкупно 83 објекти со капацитет за од речиси 8.000 деца.
Нашата заложба како Влада е да создадеме европски услови за живот и да ги задржиме нашите граѓани овде, во нивната родна земја. Да негуваме едно општество за сите, со еднакви права и еднакви одговорности. Да се обединиме околу европските вредности и да ја донесеме Европа дома, наместо да талкаме по Европа во Светот!
Европскиот пат е единствен пат за нас. Немаме друга алтернатива и нема да се откажеме од остварување на европерспективите бидејќи тие ќе ни донесат просперитет и посветла иднина. Таа иднина сме должни да им ја обезбедиме на нашите деца, на нашите млади бидејќи иднината почнува дома!
А, таа иднина ќе ја обезбеди идната проевропска Влада, како оваа што ја предводам, која со проевропски политики, во брзи рокови, до 2030 година, ќе ја внесе земјата во ЕУ!
Во оваа прилика изразувам голема благодарност до Европската Унија, нашите најголеми финансиски поддржувачи, како и УНДП, кои се тука од првиот ден од независноста на Северна Македонија и на Република Македонија за планираниот Ресурсен центар кој, верувам, ќе биде од големо значење за општината и ќе мотивира и други општини да поведат вакви иницијативи.
На крајот, честитки за овој амбициозен проект и посакувам Ресурсниот Центар што поскоро да стане сервис на што повеќе граѓани од Општина Шуто Оризари и да им помогне во реализацијата на нивните животни планови.
Благодарност и на домаќините, градоначалникот, Советот на Општината и на граѓаните.