Повеќето од нас го паметат напитокот од прегорен шеќер уште од детството, а Србите цврсто веруваат дека млекото подготвено на овој начин е добро за смирување на кашлицата.
Карамелизиран шеќер, млеко и маст е напиток и на нашето детство. Тоа е стар рецепт кој нашите мајки и баби го подготвуваа секојпат кога ќе започнеме да кашламе или ќе ги почувствуваме првите симптоми на грип.
Бидејќи ова е стар народен лек, има многу варијации, а ние во продолжение ви претставуваме 3 начини како да го подготвите:
1. Шеќер, млеко и маст (свинска или гускина)
Во едно лонче ставате 2 лажици шеќер да се карамелизираат на оган, а потоа го додавате млекото и мешате додека шеќерот не се растопи. Кога ќе го префрлите млекото во чаша, додајте една лажица маст (свинска или гускина) и пијте полека.
2. Млеко, маст и мед
Млекото се загрева додека не зоврие, а потоа се додава маст. Кога напитокот малку ќе се излади, додадете една лажица мед и испијте го пред спиење. Ако чувствувате треска, најдобро е да се завиткате во ќебе и да заспиете веднаш откако ќе го испиете овој пијалак.
3. Шеќер, млеко и гранче жалфија
Шеќерот се карамелизира, а потоа се додава млекото. Додека млекото сè уште врие, во него се става гранче жалфија и по неколку минути се трга од оган, се процедува и се пие додека напитокот е уште топол.