Утрински Весник
Свет

Исчезна кинескиот министер за одбрана: го нема веќе еден месец, а Пекинг молчи

Исчезна кинескиот министер за одбрана: го нема веќе еден месец, а Пекинг молчи

Кина одби да коментира каде се наоѓа нејзиниот министер за одбрана, и покрај зголемените прашања за неговата судбина еден месец откако тој последен пат беше виден во јавноста. Портпаролот на Министерството за одбрана, Ву Чиан, рече дека „не бил свесен за ситуацијата“ на прашањето дали министерот Ли Шангфу е под истрага.

dobivaj vesti na viber

Исчезнувањето на Ли следи по серијата необјаснети кадровски промени што го потресоа врвот на владејачката Комунистичка партија во Кина ова лето, вклучително и соборувањето на поранешниот министер за надворешни работи Чин Ганг во јули. Пекинг, исто така, најави отстранување на двајца генерали на чело на Ракетните сили на Народноослободителната армија, воениот огранок што го надгледува арсеналот на нацијата на нуклеарни и балистички ракети.

Прашан од Си-ен-ен како отсуството на Ли и смената на двајцата генерали влијаеле на операциите, Ву повтори дека „ќе го истражи секој случај и ќе го собори секој корумпиран функционер“. Исчезнувањето на двајца истакнати министри покрена прашања за владеењето на лидерот Си Џинпинг, кој го направи кинескиот политички систем уште понепроѕирен бидејќи ја концентрира моќта и спроведува строга партиска дисциплина.

Високи кинески функционери во минатото исчезнаа од очите на јавноста, само за Комунистичката партија месеци подоцна да признае дека биле приведени поради истрага. Ваквите ненадејни исчезнувања станаа редовна карактеристика на антикорупциската кампања на Си, а недостатокот на информации не е невообичаен во политичкиот систем на Кина.

Волстрит журнал претходно овој месец објави дека властите го привеле Ли на сослушување во септември, цитирајќи лице блиско до одлучувањето во Пекинг. Фајненшл тајмс објави дека американската влада верува дека министерот за одбрана е под истрага, цитирајќи американски официјални претставници.

Ниту еден извештај не даде причина за истрагата. Ли, кој беше санкциониран од САД во 2018 година поради купувањето руско оружје од Кина, сè уште е наведен како министер за одбрана на Кина, еден од петте државни советници и член на моќната Централна воена комисија на партијата.

Кон крајот на јули, Одделот за развој на опрема на Централната воена комисија издаде известување во кое се повикуваат на информации од јавен карактер за коруптивни практики на набавки кои датираат од 2017 година, што се совпаѓа со временскиот период кој Ли беше задолжен за набавките во одделот. Не е јасно дали се преземени или ќе бидат преземени дисциплински мерки против Ли.

Ниту Ли, ниту Чин не беа прикажани на видеото од состанокот на Комунистичката партија на кој присуствуваа високи партиски функционери, што беше емитувано од државната телевизија во средата. Минатата недела Волстрит журнал објави дека истрагата на Комунистичката партија открила дека Чин имал вонбрачна врска додека бил претставник на Кина во Вашингтон.

Можете да прочитате

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме

Писториус: Европа се соочува со долгорочна руска закана

Пет ракети истрелани од Либан врз Израел