Американската федерална управа за авијација (FAA) вчера предупреди дека некои модели на млазни мотори CF6 на Генерал електрик“ може да содржат делови со лажни сертификати барајќи од сопствениците да ги проверат резервите на авионите и делови.
AOG Technics со седиште во Велика Британија продаваше изолатори за моторите CF6 на GE без лиценца, предупреди FAA.
Производителот на млазни мотори CFM International во средата изјави дека AOG Technics можеби продала илјадници делови од моторот со фалсификувана документација. Се сомневаат дека делови за моторите CFM56, произведени од компанијата GE-Safran CFM, и за многу мал број мотори CF6, кои главно се користат за напојување товарни авиони и се произведени од „Генерал електрик“, можеби се продадени без сертификација.
До понеделник беше утврдено дека околу 96 мотори може да содржат делови со фалсификувана документација.
Метју Рив, адвокат на CFM, и неговите косопственици „Генерал електрик“ и „Сафран“, во поднесоците во Високиот суд во Лондон рече дека досега идентификувале два фалсификувани формулара на FAA за стотици делови од моторот CF6.
Овој мотор се користи главно од товарни авиони вклучувајќи го и огромното мнозинство товарни авиони „боинг 767“ и воените авиони за полнење гориво „KC-767“ во флотите на Италија и Јапонија.
Доколку се најдат делови со лажен сертификат во моторите CF6, сопствениците и операторите на авионите мора да ги отстранат и зачуваат, истакна американскиот регулатор.
Европските регулатори соопштија дека ги истражуваат наводите од извештајот дека некои делови испорачани од AOG Technics без валидни сертификати биле пронајдени во моторите CFM56 вградени во некои авиони „ербас“ и „боинг“.
По објавувањето, авиокомпаниите сменија делови на десетици авиони. Досегашните промени вклучија само дел од вкупно 23 илјади мотори CFM56.