Државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања и заменичката на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили, денес и утре ќе учествува на работилницата на високо ниво од програмата ТAIEX на Европската комисија, која се одржува во Вилниус, Литванија.
Абдиу-Халили зеде учество во сесијата на тема: „Напредокот и предизвиците на земјите од Западен Балкан на патот на пристапување кон ЕУ и потребната поддршка“, каде што посочи дека стратешката цел на Владата е силно посветена на реализација на обврските и задачите што ги имаме како држава на патот кон ЕУ и дека со сите расположливи капацитети максимално ќе го искористиме процесот на забрзано пристапување во Унијата.
„Новата методологија на пристапување во ЕУ дава нова надеж. Споделувањето на искуства меѓу земјите кандидатки и земјите што преговараат е неопходна и многу важна за самиот процес. Проширувањето на ЕУ со нови членки, како и развојниот план за Западен Балкан, даваат нова динамика и мотив за сите нас да работиме за постигнување на целта и да станеме полноправни членки на Унијата до 2030 година“, рече, меѓу другото, Абдиу-Халили.
Во таа насока таа додаде дека ваквите настани со кои се разменуваат знаења, искуства и добри практики ги зајакнуваат врските на соработка помеѓу нашата држава, европските партнери, како и другите земји што преговараат или се очекува да ги отворат преговорите во блиска иднина.
Целта на овој настан е да се споделат вредни искуства од пристапните процеси на балтичките земји и да се идентификуваат најдобрите практики што може да се применат во земјите што сега преговараат, како што е случајот со Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан.
На настанот, кој е организиран во соработка со Министерството за надворешни работи на Литванија, учествуваат високи претставници од државите членки на ЕУ, главни преговарачи и поранешни главни преговарачи од земјите што се приклучија на ЕУ во 2004 година, како што се Летонија, Литванија и Естонија, заедно со државите од Западен Балкан, кои веќе преговараат: Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Албанија. Дополнително, беа присутни претставници од земјите од здружената тројка, вклучително Украина, Молдавија и Грузија, кои се очекува до крајот на годината да ги почнат пристапните преговори со ЕУ.