Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп нема да ја преземе германската фудбалска репрезентација, потврди неговиот менаџер.
Клоп беше еден од можните кандидати да го замени Ханси Флик на клупата на германската репрезентација. Флик доби отказ минатата недела, откако загуби со 1:4 од Јапонија во пријателски натпревар.
„Јирген има долгорочен договор со Ливерпул и не е достапен за селектор на репрезентацијата“, изјави неговиот менаџер Марк Косике.
Германските медиуми објавија дека потпретседателот на Германскиот фудбалски сојуз, Ханс-Јоаким Ваке, вложил големи напори да го убеди 56. годишниот тренер да ја преземе репрезентацијата.
Флик ја презеде германската репрезентација во 2021 година, мандатот започна со победи во првите осум натпревари, но оттогаш тимот победи само четири пати во 17 натпревари.
Германија не ги игра квалификациите за Европското првенство во 2024 година, бидејќи е домаќин, поради што игра само пријателски натпревари.
Германија синоќа во пријателски натпревар ја победи Франција со 2:1. Селекцијата од клупата ја водеше спортскиот директор, Руди Фелер.