Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, во Талин, се сретна со премиерката на Естонија, Каја Калас. На средбата присуствуваше и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.
Оваа средба е дел од агендата на премиерот во рамките на учеството на атлинскиот дигитален самит 2023, кој воедно беше и меѓу темите на разговор на билатералната средба.
На средбата се разговараше за блиските и пријателски односи меѓу Северна Македонија и Естонија, кои и како земји сојузнички во алијансата, ги продлабочуваат преку постојан политички дијалог. Премиерот Ковачевски се заблагодари за естонската поддршка за евроинтегративниот пат на Северна Македонија, како и за директната поддршка во полето на сајбер безбедноста и дигитализацијата.
Ковачевски ја запозна Калас со статусот во нашата евроинтеграција и претстојните чекори што земјата треба да ги направи на тој пат. Заемно беше констатирана важноста од забрзување на процесот на приближување како на Северна Македонија така и на другите земји од регионот кон ЕУ во пресрет на новата геополитичка реалност предизвикана од воената агресија на Руската Федерација врз Украина. Како непосреден сосед на Русија, денес, повеќе од кога било, Естонија ја истакнува и разбира важноста и силата на трансатлантската врска и европската солидарност и посакува Северна Македонија што побргу се најде на истата европска маса заедно со Естонија и другите земји членки на ЕУ. Во таа насока Калас истакна дека Естонија ќе продолжи со својата гласна и силна поддршка за забрзување на македонскиот пат кон ЕУ и активно да дејствува со другите земји членки на ЕУ поддржувачи на проширувањето.
Калас исто така го поздрави и одговорниот став на Северна Македонија кон Украина и се заблагодари за поддршката што земјата досега ја има дадено. Приклучувањето кон одлуките на ЕУ и целосната координација во однос на санкциите и рестриктивните мерки говорат за ориентацијата на земјата и насоката која Естонија силно ја поддржува.
На средбата се разговараше и за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ. Ковачевски се заблагодари за естонската поддршка на приоритетите и вложените напори за координацијата во рамките на претседавањето со ОБСЕ.