Зад затворени врати во Санкт Петербург се одржа „проштална церемонија“ за шефот на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, кој загина во авионска несреќа минатата недела, соопштија неговите портпароли.
„Оние кои сакаат да се збогуваат со водачот треба да одат на гробиштата Пороховска во Санкт Петербург, неговиот роден град“, се вели во соопштението.
Претходните извештаи на медиумите за погребот споменуваа други гробишта во градот како можни места за погребување на Пригожин.
Претходно беше објавено дека Владимир Путин не планира да присуствува на погребот на Пригожин, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој им рече на новинарите дека Кремљ не знаел за планираните погреби, велејќи дека тоа е семејна работа, пренесе „Ројтерс“.
Рускиот истражен комитет во неделата потврди дека Пригожин е меѓу луѓето кои загинаа во авионската несреќа минатата среда. Комитетот во соопштението наведува дека по вештачењето, сите 10 тела пронајдени на местото на настанот се идентификувани.
Авион кој летал од Москва за Санкт Петербург се урна во средата вечерта во областа Твер. Сите 10 луѓе во авионот загинаа.
Пригожин (62) водеше бунт против руското воено раководство на 23 и 24 јуни.
Медиумите поврзани со „Вагнер“ побрзаа да сугерираат дека руски противвоздушен проектил го соборил авионот. Кремљ ги демантираше обвинувањата оценувајќи ги како шпекулации.
Лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин и стана познат на светската јавност по улогата на неговата платеничка група во војната во Украина.