Утрово, во свечената сала на Офицерскиот дом – КИЦ „Битола“ беше одржана прес-конференција по повод претстојното прво издание на фестивалот на староградската музика „Ех, таа серенада“ во Битола.
На конференцијата се обратија директорката на ЈОУ Културен и информативен центар „Битола“, Лили Бошевска, уметничкиот соработник и музички продуцент Миодраг Неќак и соработникот Тодор Ивановски.
Бошевска ги презентира целосната идеја и концепцијата на фестивалот „Ех, таа серенада“, која значи навраќање на традициите карактеристични за конзулска Битола, на серенадата како музички жанр, како и за значењето на оваа манифестација за битолчани, за македонската музичка продукција, како и за огромниот интерес од граѓаните.
Миодраг Неќак, уметнички соработник и етаблиран музички продуцент, го објасни процесот на објавување конкурс, селектирање на конечните 16 мелодии, големиот интерес од автори и изведувачи, што претставува идна основа за следното фестивалско издание, како и детали за продукцијата и постпродукцијата на песните од фестивалот.
Тодор Ивановски во својство на лице одговорно за организација и туристичка промоција ја нагласи синтезата на културата и културното наследство, во кое секако припаѓа староградската песна, и Офицерскиот дом како интегрален дел од туристичката промоција на Битола.
Во рамките на пред фестивалските промотивни активности за посетителите и туристите е достапно бесплатно возење со битолскиот пајтон во комплексот на Офицерскиот дом секоја вечер од 18.30-21.30 ч. што наиде на голем интерес од граѓаните и посетителите, информира организаторот.
За денеска се закажани тонска проба со изведувачите и техничките подготовки, а веќе за утре се финалните подготовки за фестивалот на староградска музика „Ех, таа серенада“. Фестивалот почнува утре во 21 часот, а влезниците се бесплатни. Оние граѓани што не набавиле влезници ќе бидат сместени во слободниот простор на платото, во рамките на просторните можности, информираат организаторите.