Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ-Вардарски, денеска се сретна со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, во седиштето на партијата. Се разговараше за актуелната политичка состојба во земјата, процесот на уставните измени во македонското Собрание и поддршката од Германија за членството во ЕУ.
„Процесот за уставните измени во парламентот почна. Собраниската седница ги кристализира двата политички блока на македонската политичка сцена, едниот проевропски предводен од СДСМ, и вториот – антиевропски. СДСМ и проевропскиот блок ќе продолжи да работи за обезбедување мнозинство за продолжување на европскиот пат. Станува збор за иднината на земјата, на народот, битката за ЕУ е битка за младите македонски генерации и решени сме да ја добиеме“, рече генералниот секретар Зечевиќ на средбата.
Зечевиќ додаде дека оваа историска шанса за продолжување на европската интеграција не смее да се пропушти. Време е да бидеме во ЕУ, рамноправни и рамо до рамо со европските народи. Неодговорно е да се одолжува пристапувањето во ЕУ. Ризикот е повторно земјата да биде заглавена 11 години во изолација, со нарушени односи со ЕУ и загрозени стратешки позиции, додаде тој.
„Имаме единствена можност, отворена врата за европскиот пат и оваа шанса ние сметаме дека е исклучително важно сега да ја искористиме. Во спротивно, ќе видиме како земји од регионот напредуваат, а ние стоиме во место, со нарушени односи со ЕУ и со загрозени стратешки позиции. Тоа значи загрозување на националниот и на државниот интерес. И прашањето е колку генерации ќе загубиме за 11 години? Не смееме тоа да ѝ го направиме на сопствената татковина“, додаде Зечевиќ.
Изолацијата на земјата може да е посакувана варијанта, еднакво за луѓе од внатре, но и за структури од надвор, кои не им мислат добро на македонската држава и сакаат да останеме надвор од ЕУ, надвор од европските интегративни процеси, додаде тој.
„Наивно е да се мисли дека причината за тоа е единствено зачувување партиски или личен рејтинг, станува збор за нешто многу подлабоко. СДСМ е подготвен да се спротивстави на сите деструкции и процесот на интеграција во ЕУ да продолжи. Се работи за Македонија, за иднината на македонскиот народ и сите наши граѓани. Оваа битка за младите македонски генерации мора да ја добиеме и ќе ја добиеме“, посочи Зечевиќ.
Генералниот секретар потенцира дека сочувувањето на националните атрибути на македонскиот народ, македонскиот идентитет, јазик, култура и наследство, е можно само со полноправно членство во ЕУ и целосна интеграција на македонскиот идентитет во комплексниот мозаик на европскиот.
-Во оваа смисла благодарни сме за поддршката на Германскиот Бундестаг и усвоената Резолуција со која се признава и се оддава длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја. Германија не е само наша пријателска земја која силно го поддржува европскиот пат, туку и најголем трговски партнер, со голем број инвестиции кај нас, а заеднички делуваме како партнери во НАТО и ОБСЕ. Очекуваме Германија да остане посветена на процесот на проширување на ЕУ и да остане силен наш поддржувач, додаде тој.