Утрински Весник
Македонија

ШК Алкалоид атакува на двете шампионски титули во екипна конкуренција

ШК Алкалоид атакува на двете шампионски титули во екипна конкуренција

Најтрофејниот шаховски и еден од најуспешните клубови во историјата на македонскиот спорт, Шаховскиот клуб Алкалоид, на претстојниот Екипен шампионат на Македонија кон крајот на овој месец атакува на титулите во машка и во женска конкуренција.

dobivaj vesti na viber

Шахистите на овој клуб од 1991 година досега 24-пати биле државни шампиони во екипна конкуренција, при што во последните десет години во низа освоија исто толку титули, што е многу редок подвиг на кој било спортски клуб!

Во екипата на ШК АЛКАЛОИД се пријавени 11 шахисти, при што „костурот“ е составен од најуспешните македонски Велемајстори: Трајко Недев (со рејтинг 2465), ВМ Драгољуб Јаќимовиќ (2402), ВМ Звонко Станојоски (2351), ВМ Роландо Кутиров (2292), како и Интернационалниот мајстор Филип Панчевски (2452). Трендот на подмладување на екипата што започна со воведување на ИМ Тони Лазов (2356) пред неколку години, минатата година продолжи со Филип Михов (2286), а оваа година за екипата ќе настапи и доскорешниот член на јуниорската екипа Михаил Јорданов (2152). Екипата е засилена со силните странски Велемајстори Нодирбек Јакубоев (2630) од Узбекистан и Велимир Ивиќ (2.570) од Србија, заедно со Велемајсторот Александар Инѓиќ (2601) од Србија кој веќе неколку години ги брани боите на македонскиот шампион.

Ова ќе биде 31. издание на Екипниот шампионат на нашата земја, а во елитното друштво оваа година, покрај екипите на Алкалоид, Прилеп, Гамбит Ассеко СЕЕ, на Куманово 1, Гостивар и на Анпасан СЕШ, ќе играат и две нови екипи: Пелагон (од Прилеп) и Шкупи (од Скопје), кои минатата година се квалификуваа како најдобропласирани во натпреварите од Втората лига.

Конкуренцијата и меѓу женските екипи се засилува од година во година, па се очекуваат интересни и драматични борби над шаховската плоча и меѓу нашите шаховски кралици.

Велемајсторот Влатко Богдановски ќе биде тренер на женскиот тим кој ќе игра во посебниот шампионат за припадничките на понежниот пол. За женската екипа на ШК АЛКАЛОИД се пријавени Женскиот интернационален мајстор Габриела Коскоска (1968), Женските ФИДЕ мајстори Весна Секуловска (2065) и Моника Стојковска (2019), како и младата Леа Ефтовска (1661). Екипата ќе настапи со двете силни шахистки и Велемајстори од Грузија Бела Котенашвили (2475) и Лела Јавакишвили (2441).

Двата екипни шампионати ќе се играат според Бергеровиот систем, односно на секој од нив ќе настапат вкупно осум екипи и ќе се играат седум кола (секој против секого). Притоа, во машка конкуренција екипите настапуваат на шест табли (со исто толку резерви), додека, пак, во женска конкуренција екипите настапуваат на четири табли (со две резерви).

Турнирот започнува на 26 август, а ќе се одржи во хотелот „Метропол“ во Охрид, при што партиите од редовните кола започнуваат секој ден од 16:00 часот (освен последното коло, кое ќе биде на програмата на 1 септември од 10 часот).

(ПР текст)

Можете да прочитате

Возилото било кај зградата на Вања три дена пред грабнувањето, вели сведокот на денешното рочиште

Следните неколку денови стабилно, па повторно промена и дожд

Молика стара 250 години уништена од силен ветер