Фудбалската федерација на Италија (ФИГЦ) и Лучијано Спалети постигнале договор тој да го наследи Роберто Манчини на селекторското место на „аѕурите“, пишуваат италијанските медиуми. Според „Газета дело Спорт“, Спалети ќе потпише тригодишен договор до септември 2026 година.
Спалети по неколку телефонски разговори му дал согласност на претседателот на ФИГЦ, Габриеле Гравина, со кого денеска ќе се сретне да го финализира договорот.
По назначувањето, кое би можело да биде официјализирано во сабота, Спалети треба да ја одржи првата прес-конференција како селектор во понеделник.
По освојувањето на титулата во Серија А со Наполи во мај, 64-годишниот Спалети ја напушти функцијата во клубот. Сега ја презема репрезентацијата која и покрај европската титула во 2021 година не успеа да се пласира на Светското првенство во Катар во 2022 година, а главен „виновник“ беше Македонија.
Спалети ќе има само неколку дена да се подготви за двата клучни натпревари за „аѕурите“ доколку сакаат да се квалификуваат за ЕП 2024, прво против Македонија во Скопје на 9 септември и против Украина во Милано три дена подоцна.
Преговорите со Спалети беа комплицирани поради постоењето на клаузула во неговиот договор која сѐ уште го обврзува со Наполи до јуни 2024 година, според која на клубот треба да му биде исплатена отштета од три милиони евра доколку ја прифати новата функција.
Претседателот и сопственик на Наполи, Аурелио Де Лаурентис го предупреди ФИГЦ дека нема да се откаже од оваа отштета, која се намалува за 250.000 евра секој нареден месец.