Утрински Весник
Свет

Северозападните територии во Канада прогласија вонредна состојба поради пожари

Северозападните територии во Канада прогласија вонредна состојба поради пожари

Владата на северозападните територии на Канада вчера прогласи вонредна состојба поради шумските пожари кои зафатија многу заедници и претставуваат ризик за главниот град на територијата, Јелоунајф. Прогласувањето на вонредна состојба им дава на властите дополнителни овластувања да реагираат на вонредни ситуации, а го покажува и степенот на штетите предизвикани од пожарите оваа година.

dobivaj vesti na viber

„Ова и овозможува (на владата) да ги набави и распореди потребните ресурси за поддршка на управувањето со оваа сезона на пожари без преседан и да го заштити здравјето и безбедноста на луѓето од северозападните територии“, се вели во соопштението на територијалната влада.

Градот Јелоунајф, исто така, прогласи локална вонредна состојба доцна во понеделникот за да се подготви за потенцијалните ризици од блиските шумски пожари. Најавата е дадена како мерка на претпазливост и жителите не треба да се евакуираат, соопштија градските власти.

„Жителите треба да останат мирни и да се погрижат да бидат подготвени во случај ситуацијата да се промени“, рече градоначалничката на Јелоунајф, Ребека Алти. Јелоунајф е главен град на северозападните територии и се наоѓа на 450 километри јужно од Арктичкиот круг. Со околу 20.000 жители, таа е една од најголемите населби на ретко населениот север.

Во текот на викендот, на жителите на повеќето заедници во регионот во северозападните територии, лоциран долж границата со Алберта, им беше наредено да се евакуираат. Селото Ентерпрајс, заедница од нешто повеќе од 100 луѓе, беше речиси целосно уништено од пожарот, објави во вторникот Си-би-си Њуз, цитирајќи го градоначалникот на Ентерпрајс.

Шумските пожари оваа година зафатија делови од речиси сите 13 канадски провинции и територии. Изгорени се повеќе од 130.000 квадратни километри земја, што е најмногу во овој дел од сезоната, а речиси 168.000 луѓе беа принудени да се евакуираат во одреден момент. Северозападните територии досега оваа година имаа 265 шумски пожари, што е значително повеќе од 10-годишниот просек од 185.

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење