Утрински Весник
Култура

„Декамерон“ – претстава за човековата кревкост но и за силата на човечкиот дух

„Декамерон“ – претстава за човековата кревкост но и за силата на човечкиот дух

Прилепските актери од Театарот „Војдан Чернодрински“ вчеравечер на фестивалската сцена Долни Сарај во рамки на драмската програма на „Охридско лето“ ја донесоа театарската претстава „Декамерон” од Џовани Бокачо, во режија Мартин Кочовски.

dobivaj vesti na viber

Станува збор за претстава која ја следи цикличноста на постоењето, каде што човекот низ постојана борба со вселенските или божествените неправди успева експлозивно да го издигне својот дух. Силно удира по деликатни места на општеството, будејќи воодушевувачка радост од театарскиот чин. „Декамерон“ е претстава полна со живот. Таа се базира врз хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за човековата кревкост но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичност.

Претставата, според драматургот Лидија Митоска Ѓорѓиевска има фрагментарна драмартургија затоа што, како што вели, секоја сцена е посебна приказна.

-Напорна работа беше изборот на сцените, односно кои новели да се направат во сцени затоа што сами по себе не се поврзани. Публиката обично очекува да има приказна со континуитет но овде нема такво нешто. Кај нас приказните се поврзани на друго ниво, повеќе би рекла, на емоционално ниво. Претставата беше голем зафат, мојата подготовка траеше подолго време, речиси цела година пред да започнеме со пробите. Тоа што јас го напишав, режисерот Мартин го облагороди. Тоа што јас успеав да го извлечам,тој го употреби но го оплемени и од целата драматизација ја извади на површина радоста што мене тоа многу ми значи. Се чувствувам благословено што работам со припепската актерска екипа затоа што има што да понуди. Секој актер е посебен, има посебни таленти и сензибилитет и сето тоа ја прави целината да биде богата, вели драматургот на претставата „Декамерон“, Лидија Митоска Ѓорѓиевска.

Според актерот Илија Волчески, „Декамерон“ бара огромна концентрација и прецизност зашто и мала грешка може да ја потоне претставата надолу.

– Секој од нас актерите во различни сцени се појавува со различни улоги. Секој има најмалку една до две сцени каде што се појавува во водечка улога, а во останатите има споредни улоги. Претставата се подготвуваше повеќе од три месеци. Комплексна, зависна од многу технички работи како базени, рефлектори, платна и сѐ треба да биде на точна позиција. Треба огромна концентрација и прецизност затоа што ако некој во одреден момент се најде на погрешно место или каже погрешна реплика, може целата енергија од сцената и претставата да ја потоне надолу, објаснува Волчески.

Театарската претстава „Декамерон“ не е прва соработка на прилепските актери со режисерот Мартин Кочовски.

– Со режисерот Мартин Кочовски досега сме сорботувале многу пати. Затоа ни е многу полесно да се прочитаме меѓу себе, која е неговата идеја, како ние како актери сметаме дека треба да ја реализираме и да ја надградиме таа идеја. Но и покрај тоа што сме имале заеднички проекти, сепак ни е предизвик да работиме со него. Кога станува збор за Прилепски театар и Мартин Кочовски во комбинација, тоа е секогаш голем број актери, голема екипа и добра претстава. Прилепскиот театар беше на „Охридско лето“ последен пат во 2015 година исто така со претстава режирана од Мартин Кочовски, и еве, речиси по осум години се враќаме на фестивалската сцена. Кога ги работиме претставите, се трудиме да се забавуваме во нив за да можеме да си ја сакаме работата и да ни биде забавно, а не да сметаме дека одиме на работа. А кога станува збор за Мартин, тоа значи дека не само што ќе биде забавно, туку ќе биде и напорно и нервозно, но на крајот сѐ има совршени резултати, додава актерката Ангела Наумоска.

До крајот на годинешното 63-то издание, драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ ќе понуди уште две театарски претстави, „Нора“ од Хенрик Ибзен во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на МГЛ Градски театар Љубљана од Словенија, како и претставата „Лагата“ од Флориан Зелер во режија на Никола Љуца што на свеченото свеченото затворање ќе ја одиграат актерите од Драмски театар Белград, Србија.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“