Болничарката од Клиниката за инфективни болести која се зарази со конго-кримска хеморагична треска од денеска почнува да го прима лекот „рибавирин“, а нејзината состојба е стабилна, изјави директорката на Инфективна, Милена Стевановиќ.
Се работи за антивирусен лек кој треба да ја намали моќта на вирусот. Стевановиќ вели дека ниту една земја нема ваков лек на залиха, па набавката се случува кога ќе се јават вакви случаи во одредени држави.
За пациентката од Штип која прва ја разви конго-кримска хеморагичната треска по убод од крлеж, Стевановиќ кажа дека и во случај да бил набавен лекот немало да и помогне, со оглед на тоа што болеста веќе била напредната во повеќе фази.
Заразената болничарка, минатиот месец ја негувала 27-годишната жена од Штипско, по што беше под надзор како контакт од среден ризик, а по девет дена пројави симптоми.
Од контактот со болничарката, издадени се решенија за изолација за уште 11 контакти, кои ќе бидат 14 дена под надзор.
Штипјанката и болничарката засега се единствените случаи во земјава кај кои што била потврдена конго-кримската хеморагична треска.