Лизо се соочува со уште најмалку шест тужби за несоодветно сексуално однесување, покрај веќе поднесените од страна на три танчерки.
Раперката (35) ја тужат нејзините поранешни придружни танчерки Аријана Дејвис, Кристал Вилијамс и Ноел Родригез за наводно сексуално вознемирување, создавање непријателска работна средина и дискриминација.
Во средата, адвокатите кои ја застапуваат тужбата изјавија за „Пејџ сикс“ дека разгледуваат и проверуваат нови тврдења од уште половина дузина жалители со слични приказни и дека сите овие лица соработувале со пејачката.
Адвокатот Рон Замбрано рече дека неговата фирма ги испитувала танчерките кои работеле со Лизо на нејзиното реално шоу Watch Out for the Big Girls на „Амазон студиос“.
Тој во изјавата потенцира дека првичните три тужителки „храбро проговориле и ги споделиле своите искуства, отворајќи ја вратата за други да се оснажат да го сторат истото“.
Адвокатот изјави за „Пејџ сикс“ дека новите наводи се за сексуално оптоварена работна средина и неплаќање на вработените. „Некои од барањата што ги разгледуваме можеби се предмет за постапка, но прерано е да се каже“.