Утрински Весник
Македонија

Што е конго-кримска хеморагична треска, како се пренесува и како да се заштитиме

Што е конго-кримска хеморагична треска, како се пренесува и како да се заштитиме

По смртниот случај со младата штипјканка, која почина од конго-кримска хеморагична треска поради каснување од крлеж, како и новиот случај на зараза потврден кај вработен на Клиниката за инфективни болести, кој бил во контакт со девојката, се поставува прашањето што, всушност, знаеме за оваа болест, како се пренесува, но и како да се заштитиме.

dobivaj vesti na viber

Надлежните смируваат дека не треба да се крева паника, а појава на нови случаи на конго-кримска хеморагична треска не очекуваат во блиска иднина.

Факти

Конго-кримската хеморагична треска (ККХТ) е широкораспространета болест, која се пренесува преку крлежи, предизвикана од вирус (Nairovirus) од семејството Bunyaviridae.
Вирусот на конго-кримска хеморагична треска предизвикува сериозни епидемии на вирусна хеморагична треска.

Смртноста од ККХТ достигнува и до 40 %.

Вирусот се пренесува на човек, пред сѐ, од крлежи на домашни животни. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, секрет, органи или други телесни течности на заболените лица.

ККХТ е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и во Азија.

Не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е симптоматско.

Пренесување

Вирусот на ККХТ се пренесува на луѓето или по каснување од крлеж или преку контакт со заразена крв или животински ткива за време и непосредно по колењето на животните. Повеќето од случаите на заболување се однесуваат на луѓе што се вклучени во работа со добиток, како што се земјоделските работници, работници во кланици и ветеринарите.

Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, секрет, органи или други телесни течности на заболените лица.

Знаци и симптоми

Должината на периодот од заразување до појава на симптомите зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично од еден до три дена, со максимум девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет-шест дена, со документирани максимум 13 дена.

Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло и црвени дамки на непцето, се исто така присутни. Може да се јави жолтица, а во потешки случаи промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модринки, како и крвавење од носот. Закрепнувањето е бавно.

Случаи на конго-кримска хеморагична треска во Македонија имало и во минатото

Прва опишана епидемија на ова заболување во Република Македонија е во 1971 година, при што заболеле 13 лица со два смртни исхода во едно семејство во с. Чифлик, Тетовско. По оваа епидемија, лабораториски бил потврден еден случај во 2010 година.

Со оглед дека постојат услови за природни жаришта и на други подрачја во нашата република и ова заболување претставува потенцијална опасност. Од соседните земји болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји.

Превенција и контрола

Мерките за превенција и контрола на заболувањето се насочени кон:

Намалување на ризикот од пренос од крлеж на човек:

  • Доколку престојувате во место каде што има крлежи, носете облека што нема да остава откриени делови од телото – покријте ги рацете, нозете и другите експонирани делови – врат, глава;
  • Носете светла облека за да се овозможи лесно откривање крлежи на облеката;
  • Испрскајте ја облеката со спреј на база на синтетички пиретроид – перметрин или употребете купена, специјално третирана со перметрин облека за да се намали можноста за закачување на крлежите на облеката. Внимавајте да не прскате од спрејот на кожата на откриените делови од телото;
  • Дополнителна заштита ќе ви обезбедат репелентите против крлежи и инсекти со посебна состојка, кои може да се нанесуваат на гола кожа. За постигнување максимален ефект, нанесувајте репелент на секои 1-2 часа ако престојот во ризични предели е подолготраен (поновите хемиски производи овозможуваат заштита од 8 до 12 часа). Употребувајте ги според пропишаното упатство бидејќи при честа и ексцесивна употреба кај деца, иако ретко, можни се несакани ефекти во смисла на сериозни невролошки компликации;
  • По можна експозиција на убоди од крлежи, направете детаљна проверка на своето тело и на облеката, како и на телото и облеката на вашите децата. Особено внимание посветете им на влакнестите делови од телото, каде што крлежите најчесто се закачуваат, вклучително и главата, вратот и пределот зад ушите, особено кај децата. Крлежите исто често се закачуваат под пазувите, на ципите, под градите кај жените, на стомачните превиткувања и сл);
  • Настојувајте да ги контролирате животните за присуство на крлежи и доколку има, соодветно да се елиминираат; и
  • Избегнувајте региони каде што се присутни крлежи и делови од годината кога се тие најактивни.

Намалување на ризикот од пренос од животно на човек:

  • Носете ракавици и друга заштитна облека додека ракувате со животни или нивни ткива во ендемични области, особено за време на колење;
  • Карантин на животните пред да влезат во кланици или рутински да се третираат со пестициди две недели пред колењето.

Намалување на ризикот од пренос од човек на човек:

  • Избегнете близок физички контакт со лица заболени од ККХТ;
  • Носете ракавици и заштитна опрема кога се грижите за болните луѓе;
  • Редовно мијте ги рацете со вода и сапун по активностите за грижа/нега или посетата на болните луѓе.

Извор: Институт за јавно здравје

Можете да прочитате

Свечен час по повод 80 години од прогласувањето на македонскиот јазик за службен

Ведро и студено, преку денот сончево

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер