Актерот Џејми Фокс ѝ се извини на еврејската заедница во саботата откако објавата на неговиот инстаграм-профил предизвика бурни реакции и критики дека промовира антисемитизам.
Во текстот Џејми ги спомнува Исус и додава хаштагови #fakefriends и #fakelove.
„Го убија овој човек по име Исус… Што мислиш дека ќе ти направат тебе?! Лажни пријатели лажна љубов,“ гласеше сега веќе избришаната објава под која многумина во коментарите го обвинија за ширење омраза кон Евреите.
Некои корисници на социјалните мрежи сметаат дека објавата на Фокс го одразува антисемитското верување дека Евреите се колективно одговорни за смртта на Исус Христос.
Актерот потоа се извини.
„Сакам да ѝ се извинам на еврејската заедница и на сите кои беа навредени од мојата објава. Сега знам дека мојот избор на зборови предизвика навреда и жал ми е“, напиша тој. „Тоа никогаш не беше мојата намера.“
Оскаровецот појасни дека неговата објава била насочена кон лажен пријател кој го предал.
„Да појаснам, бев предаден од лажен пријател и, тоа го мислев со ‘тие’ и, ништо повеќе. Во срцето имам само љубов кон сите.“
Медиумите потсетуваат дека актерот бавно закрепнува и сè уште не е при себе откога претрпе мистериозна медицинска компликација во април. Засега не се објавени точни детали за неговата состојба и за каква болест станува збор.