Уставен суд оформи предмет по иницијативата на адвокатката Сузана Јошевска и граѓанската иницијатива Шанса за Центар со која го оспоруваме ДУП за Буњаковец во кој спаѓа и подрачјето на „Треска“, информираат од оваа граѓанска иницијатива.
Се надеваат на еднакво брзо и ефикасно постапување на судот имајќи предвид, како што велат, што и инвеститорите забрзано се подготвуваат да почнат со градба.
„Герасимовски веќе потпиша една дозвола, а од медиумските објави се гледа дека и други инвеститори забрзано собираат милионски суми за да почнат со градба на „наполитанките“ кај „Треска“. Во недостиг на политичка волја да се сопре со спроведувањето на незаконските ДУП-ови кои се косат со Генералниот урбанистички план на Скопје, само судот може да ја врати законитоста во планирањето во Центар“, велат од Шанса за Центар.
Потсетуваат дека за фабриката „Треска“ се бореа граѓани, активисти, архитекти и урбанисти, па и политичка воља за промена имаше до 2020 кога се прифати напуштање на решението од ДУП-от и се направи конкурс.
„Општинската власт под раководство на Герасимовски, неколкумина моќници и спрегата со институциите кои го изгубија своето значење, интегритет и кредибилитет може да му пресудат на последниот поголем простор, и да си ја потврдат својата улога на непријател на граѓаните“, питенцираат од Шанса за Центар.