Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека во една прилика, кога бил мал, му го раскрварил носот на насилникот од соседството.
Тој во подкастот „On Purpose“, кој обработува теми поврзани со менталното здравје, изјави дека еднаш бил нападнат од насилник од околината, по што мајка му го советувала: „Џои, оди надвор. Почекај додека не ти пријде, а штом ќе ти пријде – удри го право во носот. Ќе ти дадам 50 центи“.
Кога прашал зошто треба да го направи тоа, неговата мајка му рекла дека нема да може повторно да оди по улицата доколку не го направи тоа.
„Бев исплашен до смрт. Пријдов до него и го удрив во носот. Крвареше, а потоа побегна“, рекол Бајден, пренесе Ројтерс.
Тој, исто така, во подкастот рече дека има седум внуци, откако во петокот за прв пат јавно го призна седмото внуче во изјава за магазинот „People“.
Станува збор за четиригодишно девојче кое е ќерка на неговиот син Хантер.
За време на разговорот, тој откри дека гледа малку телевизија, но дека постојано гледа филмови во киното во Белата куќа, додавајќи дека моментално прв на неговата листа на филмови што допрва треба да ги гледа е „Опенхајмер“, кој се занимава со развојот на атомските бомби кои САД ги фрли на Јапонија во Втората светска војна.