Утрински Весник
Економија

Народната банка придонесува за јакнење на отпорноста на банките: средба со економскиот тим на Амбасадата на САД

Народната банка придонесува за јакнење на отпорноста на банките: средба со економскиот тим на Амбасадата на САД

Пандемијата и периодот по неа донесоа бројни предизвици, но банкарскиот сектор ја задржа и дополнително ја зајакна стабилноста во работењето. Во согласност со најновите податоци, ликвидноста на банките е на задоволително ниво, солвентноста бележи подобрување и е највисока во последните шеснаесетина години, додека квалитетот на кредитното портфолио се задржа, со ниска стапка на нефункционални кредити. Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерите, Ана Митреска и Фадил Бајрами, со новиот шеф за економски прашања во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во земјава, Дејвид Мајерс, и Јордан Дамчевски, виш економист во Амбасадата.

dobivaj vesti na viber

„Значаен придонес во ова имаше Народната банка преку успешно спроведување на регулативната рамка и носење политики и макропрудентни мерки со кои системски и постојано ја јакнеше отпорноста на банките. За натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем на ризиците, во период од една година, Народната банка трипати интервенира кај стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот. Исто така, донесе и други макопрудентни мерки за одржување на квалитетот на кредитокорисниците“, велат од Народна банка.

На средбата стана збор и за новиот Закон за решавање банки ‒ системско решение за натамошно јакнење на финансиската стабилност. Во согласност со законот, Народната банка ќе стане надлежен орган за решавање банки, а целта е да се обезбеди брзо и ефикасно делување, доколку некоја банка се соочи со сериозни проблеми, со задржување на нејзините функции коишто се сметаат за особено значајни за економијата и избегнување значително негативно влијание врз финансиската стабилност. Со предлог законското решение се спроведува новата европска директива за закрепнување и разрешување на проблемите со кредитните институции и инвестициските фирми, со што се потврдуваат постојаните напори за усогласување со највисоките меѓународни стандарди.

На крајот на средбата беше потврдена традиционалната добра соработка и од страна на присутните беше изразена заложба за нејзино продолжување и продлабочување.

Можете да прочитате

Лукаревска: Кај граѓаните има огромно разочарување од ВМРО-ДПМНЕ

ССМ: Во мај 73,3 проценти од работниците земале плата под просечната

По 17 години – нови правила за одобрување возила од 1 септември