Власта еднаш велеше дека им фалат 6, сега им фалат 8 пратеници – тенденцијата вели дека им се раситнува мнозинството – „барајќи рогови ќе ја изгубат главата“
„Во изјавите на власта на ДУИ и СДС владее какафонија по темата уставни измени. Тоа е резултат на нивниот очај и нервоза, бидејќи насилниот обид спротивен на народната волја, им се удри во ѕид.
Да биде посмешно тие во обидите да расфрлаат пердуви уште повеќе самите се закопуваат. Имено Бујар Османи тврди дека фалеле уште 8 пратеници за мнозинство за уставни измени, а заборава дека неговите соработници шпекулираа дека им фалат уште 6 пратеници (Груби, 20 септември 2022 година), дека имаат 74 пратеници (Пендаровски, 18 ноември 2022 година) па дури и дека имаат обезбедено уставно мнозинство (Битиќи, 24 мај 2023 година). Лагите им се распрснуваат како меур од сапуница. Изгледаат како раштиман оркестар. Но, кога веќе прават вакви ментални екскурзии, треба и да се подзамислат, бидејќи тенденциите велат дека од недостаток 6, стасале на недостаток 8 пратеници, што значи дека им се распаѓа и тоа кое што го имаат.
Да потсетиме дека неколку пратеници од самата коалиција на власт веќе директно и индиректно најавуваат дека нема да гласаат. Дополнително и други пратеници на кои Османи и Ковачевски сметаа почнаа да одбиваат поддршка на уставните измени. Народот вели „барајќи рогови си ја изгубиле главата“, па така оваа власт барајќи 2/3 може лесно да го загрози и владиното мнозинство. Впрочем така би си ја скратиле агонијата и би го спасиле народот од оваа криминална власт. Изборите се единственото решение во интерес на Македонија и единствениот излез во ќорсокакот во кој власта ја внесе државата“.
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ