Со указ за отповикување потпишан од претседателот Стево Пендаровски и објавување во Службениот весник, повлечен е македонскиот амбасадор од Токио кој претходно месец беше прозван од пратеникот Антонијо Милошоски дека вршел сексуално вознемирување.
Согласно законските надлежности и интерните процедури, Комисиjата во рамките на Министерството за надворешни работи му препорача на Министерот за надворешни работи, да ѝ предложи на Владата повлекување на досегашниот амбасадор во Јапонија.
Потоа, Владата го прифати предлогот на Министерот за отповикување на вонредниот и ополномоштен амбасадор, по што, Претседателот на државата го потпиша указот за отповикување, кој што беше објавен во Службен весник.
Предлогот, како што информираа од МНР, бил даден врз основа на член 3 од Уредбата за утврдување на работи кои се сметаат како незадоволителни резултати и работи со кои им се причинува штета на интересите на државата во работата на амбасадорот.
Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ објави дека против македонскиот амбасадор во Токио има две пријави за непристојно однесување и за сексуално вознемирување.
„Повеќе од 10 месеци во Амбасадата се стигнати две сериозни претставки од две жени. Едната од вработена во амбасадата во Токио, а другата од јапонска државјанка која имал аповремени проекти со македонската амбасада во Токио. Двете поплаки се однесуваат на понижувачко, непристојно и непрофесионално однесување од страна на амбасадорот кон македонската државјанка, додека од јапонската државјанка, за жал, обвинувањата одат во насока за сексуално вознемирување“, рече Милошоски.