Арсенал и Барселона приредија вистински спектакл во Лос Анџелес. „Топчиите“ стигнаа до триумф на американско тло со 5:3, откако двапати пред паузата беа во негатива.
Букајо Сака постигна гол и промаши пенал за тимот од Северен Лондон, додека Леандро Тросар постигна два гола. Меѓу стрелците се запиша и Каи Хаверц, а последниот гол за тимот на Микел Артета го постигна Фабио Виеира.
За Барселона прецизни беа Роберт Левандовски, Рафиња и Феран Торес.
Доцнењето на автобусот на Арсенал го одложи почетокот на натпреварот за околу 30 минути. Артета ги лансираше Сака, Габриел Жесус и Тросар на напаѓачките позиции, а нападот на Барса го предводеа Левандовски, Рафиња и младиот Абде. Илкај Гондоган беше партнер на Педри и на новото засилување Ориол Ромеу во средниот ред.