Утрински Весник
Македонија

(Видео) Пак кавга во Советот на Скопје; Попова: Се плашите од разрешување, претседателе, затоа дозволувате онлајн-вклучување?

(Видео) Пак кавга во Советот на Скопје; Попова: Се плашите од разрешување, претседателе, затоа дозволувате онлајн-вклучување?

Советничката Ирена Попова, која во ноември лани го напушти ВМРО-ДПМНЕ и остана да дејствува како независна советничка во Советот на Скопје, денес уште пред да се усвои дневниот ред за седницата, побара разрешување на претседателот на Советот, Трајко Славески, оти спротивно на Деловникот дозволил четири советнички седницата да ја следат онлајн. Таа го обвини дека постапува селективно и ги повика институциите да ја проверат неговата и работата на Советот на Скопје.

dobivaj vesti na viber

„Имаме советници што шест месеци не се појавиле на Советот. Онлајн-појавувањето не е пропишано со Деловникот. Тука некој селективно се однесува. Се плашите за позицијата, претседателе, да не Ве разрешат, па Ви требаат гласови? Затоа дозволувате онлајн-вклучување? Нека знае јавноста дека тука некој селективно се однесува и грубо го крши Деловникот. Ги повикувам сите надлежни институции да извршат увид на работата на претседателот на Советот на Град Скопје и на работата на Советот на Град Скопје“, рече советничката Попова и нагласи дека ковид-мерките, кои дозволуваа онлајн-вклучување на седниците, одамна се завршени.

Претседателот Славески објасни дека не се плаши од разрешување, а одлуката за онлајн-вклучување на советниците не ја донел сам, туку со координаторите на советничките партии за да им се излезе во пресрет на советниците, кои од здравствени причини се спречени физички да дојдат во салата на Советот.

„Што се однесува до разрешувањето, Ве охрабрувам веднаш да поднесете инцијатива. За вклучувањето, пак, да објаснам, претседателот на Советот се советува со координативно тело, во кое членуваат сите координатори на политичките партии. Имавме случаи на патолошка бременост, на последици од тешка болест и така натаму и заклучокот беше во овој период да можеме да продолжиме до промена на Деловникот со практиката да дозволиме некои наши колешки и колеги да може да го остваруваат своето право за учество на седницата, а се спречени поради здравствени причини. Ова го правиме од хумани причини“, објасни претседавачот Славески.

Советничката Попова уште еднаш побара збор, но Славески не ѝ дозволи со објаснување дека нема право на збор, но таа и покрај предупредувањата, излезе на говорницата, а Славески стана од столчето и побара преносот од седницата да се исклучи и на неколку минути ја прекина седницата.

По прекинот и откако Попова со исклучен пренос и прекината седница уште неколкупати објасни дека не се работи за тоа дека се нехумани, седницата продолжи. Меѓу точките за кои денес ќе се расправа се измена и дополнување на буџетот на Град Скопје, состојбата со приватните паркиралишта во Скопје, иницијатива за отворање дневен центар за лица со попреченост, ќе се гласа за инцијатива за финансиска помош на Фудбалскиот клуб „Вардар“, а на дневен ред е отстапувањето на Универзалната сала на Министерството за култура.

Можете да прочитате

Заменик министерот Исени на 115 сесија на Советот на Меѓународната организација за миграции во Женева

Македонија е избрана за членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) (2025–2027)

СДСМ: Скопје и Аеродром со ВМРО-ДПМНЕ го живеат најголемиот ужас од своето постоење